По повод 20-годишнината од атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ денеска се одржа „Прошетка за Зоран“до Новите гробишта во Белград.



Почитувачите на ликот и делото на Зоран Ѓинѓиќ запалија свеќи и положија цвеќе на неговиот гроб во Алејата на заслужните граѓани.

Претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ денеска положи венец во зградата на Владата, на местото каде беше убиен Зоран Ѓинѓиќ. На положувањето венци присуствуваа министри и други членови на Владата на Србија, пренесува Бета.

„20 години по убиството на Зоран Ѓинѓиќ, Србија се врати два века наназад и денес е земја која се карактеризира со апсолутно недемократски систем и владеење на криминал, зло и примитивизам“, изјави поранешниот премиер и лидер на Демократската партија (ДС) Зоран. Живковиќ.

Премиерот на Србија Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година.

Неколку часа по убиството, Владата прогласи вонредна состојба во Србија, а како сторители веднаш беа осомничени членовите на земунскиот криминален клан и дел од Единицата за специјални операции (ЕСО) на српскиот МУП.

За време на вонредната состојба, која траеше до 22 април 2003 година, полицијата уапси повеќе од 11.000 луѓе во операцијата Сабја, меѓу кои и политичари, високи воени офицери и судски службеници.

Во август 2003 година беше покренато обвинение против 44 лица за учество во организацијата на убиството, а судењето започна на 22 декември истата година во Окружниот суд во Белград.

На 23 мај 2007 година, судот ги прогласи обвинетите за виновни и беа осудени на вкупно 378 години затвор.

По 40 години затвор беа осудени поранешниот командант на ЈСО Милорад Улемек Легија и неговиот заменик Ѕвездан Јовановиќ како непосреден извршител на убиството.

Зоран Ѓинѓиќ е роден во 1952 година во Босански Шамац, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Белград во 1974 година.

Тој е еден од основачите на Демократската партија.

Од февруари до септември 1997 година ја извршуваше функцијата градоначалник на Белград, како кандидат на коалицијата Зајдено.

По победата на Демократската опозиција на Србија (ДОС) на парламентарните избори во декември 2000 година, тој беше избран за премиер во јануари 2001 година. (Извор Агенции)