Во 19 часот пред владата протестираат најранливите категории граѓани

Денеска коалицијата „Менуваме” ќе одржи протестен марш за рамноправност на децата и лицата со попреченост.



Иако Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ООН, институциите системски потфрлаат да ги вклучат овие лица во општествените процеси, при што ги оставаат да живеат на маргините.

Кои се барањата за подобрувања на статусот на овие лица:

1. Зголемување на износот на сите додатоци по основ за попреченост, како и посебниот детски додаток. Сведоци сме дека оваа Влада не само што не ја унапреди состојбата кај лицата со попреченост, туку за време на пандемија министерството кое го раководи Јагода Шахпаска, ги кратеше посебните додатоци за нега на деца;

2. На лицата со попреченост да им се овозможи можност да ги покријат трошоците кои се поврзани со попреченоста (лекови, суплементи, физикална терапија, сензорни соби, помошни помагала и слично, соодветно на состојбата и возраста на лицето);

3. Да се овозможат услови за нивна активна вклученост во целокупниот општествен живот (што вклучува транспорт, влезници/котизации, финансиска можност за негување на интереси и хобија);

4. Укинување на минималната и максималната старосна граница за остварување право на лична асистенција.

Протестот почнува во 19 часот пред владата на РМ.