Честитајќи го Велигден професорката Гордана Силјановска Давкова откри дека пред празникот добила внука која се вика Роса.
“Христос воскресе, навистина воскресе
Веќе трет ден, најповторуваната и најслушана дума е: Христос воскресе, навистина воскресе! Христос воскресе, навистина воскресе, воскликна архиепископот Стефан, а по него и црковните великодостоинственици и верниците, ширум Македонија, но и во соседството и дијаспората, каде и да се! И самата не знам колку пати ја помислив, изговорив и чув, напишав, пратив и прочитав оваа света мисла. Лета како светлината, ита кон секој и од секој верник, одзвонува насекаде нејзиното ехо.
Црковните храмови се навидувам празни, но речта силно одекнува и синхронизирано се потврдува од многу, многу семејни христијански хорови. Никогаш христијанските усни не биле поразиграни, очите поблескави, срцата поисполнети со љубов, вербата во животот и доброто – поголеми.
Во мојот дом и домот на моето семејство, триумфот на ЖИВОТОТ над смртта, Велигденот над бизарната криза го препознавам во РОСА, мојата росна внука, која како ангелче „слета“ меѓу нас и не собра околу себе.
Христос воскресе, навистина воскресе, велеле моите прабаби и прадедовци, моите баби и дедовци, повторувале моите родители, велам јас, слуша Роса, а догодина….. и самата ќе го каже!”, пишува професорката по повод празникот.




