Внатрешна контрола во МВР ќе го испитува случајот со малтретирањето на Максим Димитриевски

МВР го вклучило Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за да го расчисти случајот со малтретирањето на кандидатот за градоначалник на Куманово Максим Димитриевски од страна на полициски службеници.



Во врска со денешниот случај во Куманово, кога е сопрено возило „рено”, управувано од Д.Д., ве известуваме дека Министерството за внатрешни веднаш го вклучи Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за целосно расчистување на случајот. МВР нема да дозволи било каков притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата – соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Да потсетиме, кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски денеска одејќи да прими терапија кај својот матичен лекар е следен од возило на Министерството за внатрешни работи подолг временски период на неколку улици. Тој е запрен од полицијата на една од улиците во Куманово и повеќе од 15 минути е задржан, без никакво образложение, земени му се документите и не му се соопштува која е причината за тоа. Полицијата бара возилото во кое е Димитриевски да биде технички испитано.

Оваа информација ја испратија до медиумите од иницијативата „За наше Куманово“.

Видео со случувањата објави и самиот Димитриевски на Фејсбук.

– Сакам од овде лично пред целата македонска јавност, на улица Лесковачка, да видиме како работи полицијата на актуелниот министер Оливер Спасовски. Претходно бевме следени од возило на МВР подолг временски период на неколку улици, директно од возачот на началникот на СВР Куманово Стојанчо Величковиќ. Во моментов нѐ застанаа на улица Лесковачка без никакво образложение. Ни ги зедоа документите, веќе 10 минути имаме застој на улицата. Тука сум на јавно прометна површина, го објавувам ова да види јавноста со кого си имаме ние работа во Куманово – вели Димитриевски.

Нека му служи на честа и на господинот министер, вели Димитриевски, а нека му служи на честа и на мојот поранешен другар, бидејќи ова не личи на ништо.

– Ваква тортура не се правела никогаш во македонската јавност. Потенцирам, снимам на јавно место, се
снимам себе си за да нема никакви обвиненија дека сум снимал. Еве сега допрва даваат насоки, да се препаркира возилото и самите не знаат кое е објаснувањето зошто сме стопирани, заедно со лице кое ме придружува мене Дејан Димитриевски – вели тој.