Формирањето на Државната изборна комисија е дел од пакет мерки и не треба да се гледа издвоено. ВМРО-ДПМНЕ ќе изготви закон за амнестија, а за референдумот ништо не се знае зашто не е дефинирано ниту прашањето, изјави претседателот на ВМРО Христија Мицкоски при денешната посета на Прилеп.
„Не смее ДИК да се гледа како издвоено прашање. Тоа беше дел од еден поголем пакет. Тој започна со таканаречените, реформски закони, кои беа усвоени во март-април годинава, опозицијата учествуваше во нивното креирање и усвојување кога се врати по неколкумесечното отсуство.
Втората работа, донесена и прифатена од Владата, е донесувањето на законот за финансирањето на партиите и измените во законот за Влада каде треба да се дефинираат истите оние услови кои ги имаше опозицијата за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година, па дури потоа на дневен ред доаѓа формирањето и изборот на ДИК„, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повторно ги демантираше сите инсинуации и шпекулации дека партијата уценува со некаква амнестија.
„Не станува збор за никаква уцена. Амнестијата е издвоена од целокупниот овој процес и е посебен, за што ВМРО-ДПМНЕ, во консултација со партиските структури ќе достави во Собранието закон за амнестија и ќе инсистираме на неговото донесување“, рече тој. Мицкоски вели дека с’е додека не се распише референдумот, многу веројатности и опции се отворени. Вели дека можно е референдумот и да се случи и да не се случи.
„Се до оној момент додека референдумот не биде распишан и додека не биде дефинирано рефенрендумското прашање, сите опции се отворени. Распишувањето на референдумот го прави мнозинството во парламентот, а тоа не е ВМРО-ДПМНЕ“, потенцираше Христијан Мицкоски.





