„Кога го дадовме предлогот (за Драган Ковачки – н.з.), го имавме предвид и членот 97 од Уставот, но го имавме предвид и членот 23 од Уставот кој вели: ‘Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции’“, велат од ВМРО-ДПМНЕ чиј предлог за министер за внатрешни во техничката влада беше отфрлен од премиерот Зоран Заев како – неуставен.
„Дојче веле“ пишува дека во опозициската партија не се согласуваат со лажното морализирање и потсетуваат на повеќе преседани во минатото, но и во сегашноста.
„Да го земеме примерот со Оливер Спасовски, кој е на функцијата министер за внатрешни работи. Законот за внатрешни работи е јасен. Членот 32 од овој закон предвидува: ‘Министерот, заменикот на министерот, државниот секретар, директорот на Бирото, директорот на Управата и раководните работници во Министерството имаат статус на овластени службени лица’. Член 168, став 1, од истиот Закон определува: ‘Работник во Министерството не смее да основа, да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут’.
А Спасовски е потпретседател на СДСМ! И после излегува дека нашиот предлог бил преседан“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие потсетуваат дека во минатото Уставниот суд се прогласил за ненадлежен да одлучува за предлог сличен како нивниот за Ковачки, и дека тој став сега е судска пракса, пишува Дојче веле.
Од +ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека изборот на техничката влада нема да биде доведен во прашање и дека до четврток ќе се затвопри тоа прашање.





