Министерот за правда наместо нервозно да реагира треба наредниот пат прецизно да ги следи говорите и ставовите на претседателот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, велат од најголемата опозициска партија.
Реакцијата на опозициската партија следи по изјавата на министерот за правда Кренар Лога, дека неосновани се тврдењата на претстедалот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека Законот за амнестија ќе се носи во скратена процедура со европско знаменце.
„Никаде не се тврди дека за законот за ослободување на вмешаните Монструм и други криминалци е веќе ставено европско знаменце“ одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, со оглед на тоа што и за многу други закони тоа е злоупотребено, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека ако тоа се стави на Законот за амнестија следи напуштање на работата на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Поважно е министерот за правда да објасни каков договор има за ослободување на криминалци и која е цената за таквиот чекор на владата на Ковачевски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.







