ВМРО-ДПМНЕ: Каракачанов лаже

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира лагите кои Красимир Каракачанов ги објавува на својот фејсбук профил. Од партијата велат дека ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест.



„Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја.  Гледаме дека Владата постојано молчи на неговите провокации, како во случајот со објавата на картата на Санстефанска Бугарија, и редица други навреди и изблици на империјализам својствен за 19 век. ВМРО-ДПМНЕ е единстевиот политички фактор кој се спротивставува на ваквата негаторска политика на Каракачанов и оттука е јасна причината поради која тој мора да се служи со лаги. Ако Владата молчи, ВМРО-ДПМНЕ не молчи и тоа многу го боли Каракачанов. “, се наведува во соопштението на партијата, пренесува Курир.

Од ВМРО-ДПМНЕ им порачуваат на Каракачанов и на Заев дека оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста.

„Лагите кои денес Каракачанов ги лиферуваше на својот Фејсбук профил нема да му помогнат на неговиот пријател Зоран Заев. Заев и неговата влада не ги спасува ништо од се поизвесниот крај, ниту спиновите, ниту лагите на Каракачанов“, велат од партијата.