ВМРО-ДПМНЕ бара да се отвори постапка за случајот со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ во кој беше откриено дека на една фризерница ѝ биле доделени 270.000 евра.



„Лидија Димова, директорката од СДСМ, исплатила европски пари 270.000 евра во рок од 3 години преку неколку грантови на фризерски салон или берберница со две столчиња, сеедно, каде што една од темите на грантот за оваа година била фризерницата да едуцира за медиумска писменост во дигиталното опкружување. Неверојатно“, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, според кој станува збор за класична злоупотреба на институциите.

„Во сите други земји вакви како што видовме за овој проекти добиваат угледни школи, училишта и универзитети, додека пак во Македонија вакви проекти добиваат берберници и фризерници, иако условот за добивање на грант е правниот субјект да дејствува во областа на проектот. Затоа и на ова дереџе ни е дојдено образованието во Република Македонија“, вели Арсовски кој побара Јавното обвинителство за организиран криминал да влезе во агенцијата со која раководи Лидија Димова и да отворено истрага, иако тоа,според него, требаше да биде направено досега.

„Но, тоа нема да се случи доколку не се изврши јавен притисок, бидејќи со тоа Јавно обвинителство командуваат Русковска и Зоран Заев“, рече Арсовски.