ВМРО-ДПМНЕ избира кандидат за претседателските избори

На конвенција во Струга опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска треба да го  избере кандидатот кој ќе влезе во трка за шеф на државата на претстојните претседателски избори.



Конвенцијата ќе се одржи во Домот на култура „Браќа Миладиновци“ во Струга а избраниот кандидат на претстојната кампања за претседателските избори ќе настапува под слоганот „За честита Македонија“.

551 делегати ќе изберат меѓу деветте кандидати кои се пријавија на огласот што го распиша партијата и кои во изминативе денови на средба со делегати и со граѓани се обидуваа да ја добијат нивната доверба.

Влатко Ѓорчев, правник, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на  Извршен Комитет  на ВМРО-ДПМНЕ.

Гордана Силјановска Давкова, редовен професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, член на Институтот за правни и политички науки, катедра за уставно право и политички систем.

Никита Шекутковски, Доктор на математички науки и редовен професор на Природно математичкиот факултет во Скопје, член на Институтот за математика.

Ѓорѓи Манасков, машински инженер и Претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија.

Васко Костов, фармацевтски техничар.

Илија Димовски, професор во пензија на Шумарски факултет при УКИМ  во Скопје.

Филип Петровски, Д-р на политички науки и поранешен директор на Државниот Архив на Република Македонија.

Горан Ангелов, правник, поранешен градоначалник на општина Виница во два мандати и Претседател на ЗЕЛС во еден мандат.

Сашо Кутлешовски, Д-р по земјоделски науки.

За да се избере кандидатот на партијата во првиот круг тој треба да освои 1/3 од гласовите на делегатите, односно за него да гласаат најмалку 184 партиски членови. Ако ниту еден од деветте кандидати во првиот круг го нема потребниот број гласови, тогаш истата вечер ќе се одржи втор круг гласање, во кое ќе учествуваат двајцата кандидати со најмногу гласови.