Собраниската Комисија за европски прашања денеска продолжи со амандманската расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, поднесен од Владата. На почетокот на седницата на Комисијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски побара да бидат повлечени сите амандмани поднесени од него и од колегата пратеникот Тони Јаревски.
– Барам да се повлечат со цел побрзо да дојдеме до амандманите предложени од мнозинството, па да видиме за таму како ќе се изјасни мнозинството, а и за да дискутираме за тоа што го бараат пратениците со амандманите кои се поднесени од нив – рече тој.
На седницата беа одбиени три амандмани предложени од пратеничките Моника Зајкова и Маја Морачанин.
Пратеничката Вјолца Адеми од ДУИ побара пауза поради тоа што сака да предложи амандман и дека им е потребно време да го подготват амандманот.
Стојаноски нагласи дека лицемерно е власта да каже дека сака да ги заштити учениците и притоа во овој закон дозволува онлајн коцкање со никаква забрана за тоа каде може да биде имплементирано.






