Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска пред Централниот Комитет на партијата треба да излезе со предлог имиња кои ќе бидат дел од новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Главното оперативно тело на партијата според најавата на партискиот лидер, ќе останат дел од актуелните членови, но ќе има и нови луѓе.
Партискиот лидер Христијан Мицкоски во петокот во емисијата „360 степени“ најави дека ќе се зголеми и бројот на потпретседатели – од двајца на четворица.
„В понеделник имаме Централен комитет (ЦК), ќе излезам пред членовите на ЦК со новиот состав на Извршниот комитет. Ќе има проширување, ќе има и нови луѓе. Ќе бидат некаде околу 28-29 луѓе. Ќе има проширување и во делот на потпретседателите, од двајца ќе бидат четворица“, рече Мицкоски во интервјуто за „360 степени“.
Засега не се познати конкретните имиња кои ќе се најдат во новото раководство, но Мицкоски изјави дека со реорганизацијата партијата заедно со тимот стратешки соработници ќе има „сериозен државнички капацитет кој ќе биде алтернатива“.






