Преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ денеска до Министерството за правда достави нов предлог да нема делење или формирање на ново обвинителството, туку обвинителството за организиран криминал, кое сега го води обвинителката Вилма Рускоска, да ги преземе надлежностите на СЈО.
„Ние сметаме дека досегашниот стандарден модел треба да се задржи да остане обвинителството за гонење на криминал и висока корупција како единствено, неподелено обвинителство, да нема нови хибридни решенија, а самото превземање од страна на ова обвинителство на надлежностите на досегашното специјално јавно обвинителство доколку се донесе закон за истото да вклучат и методологија за избор на новиот обвинител за организиран криминал при што опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именување ќе имаат битна улога“, рече Антонио Милошоски, член на преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ.
За самиот избор се предлага методологија „која што ќе даде сигурност дека власта нема да го има последниот збор и да избере владино подобен обвинител од типот на госпоѓата Русковска, туку опозицијата ќе предложи од оние кои ќе конкурираат “, рече Милошоски.
Премиерот Зоран Заев експресно одговори дека предложеното не може да биде прифатено.
„Не треба да дозволиме лидерите, партиите кога им текне да менуваат обвинители. Вилма Рускоска има мандат уште од четири години и 10 месеци досега е обвинител. Таа има многу предмети досега, меѓу кои ’Рекет’ настаните од 27-ми април и тоа е уште една причина да не испраќаме порака дека политичарите на тајни средби се договараат и со тоа влијаат на независното правосудството. Затоа е убаво да се разгледува решение за воспоставување на обвинителство за гонење на висока корупција. Но, низ работните групи ќе ги разгледаме предлозите“, вели Заев.
Заев во петокот предложи формирање на ново обвинителството чиј шеф ќе биде на предлог на опозицијата и кое ќе ги преземе предметите и вработените на Специјалното јавно обвинителство.
Во предлогот на Заев ВМРО ДПМНЕ препознаваат трик за Рускоска, која ја посочуваат како блиска до власта, да продолжи да ги работи предметите кои се во интерес на владејачките функционери особено случајот „Рекет“. (НЕТПРЕС)




