Власта ги разгледува предлозите за пресметка на данокот на моторни возила – Што се крие зад новата методологија?!

Власта ги разгледува предлозите за пресметка на данокот на моторни возила. Сè уште е неизвесно како ќе изгледа новата методологија за пресметка на данокот и како таа ќе се одрази врз џебот на граѓаните кои во иднина ќе купуваат ново или старо возило, објави ПлусИнфо. Министерството за финансии заедно со засегнатите страни подолг период работи на методологијата која е проект финансиран од Светска банка, но засега нема детали од тоа што се договара и какви ефекти ќе предизвика.



Трговците на нови и стари возила различно ја толкуваат методологијата

Борци за чист воздух и за чиста животна средина, пак, велат одлуката каква и да биде мора да придонесе за заштита на воздухот во земјава, посебно во поголемите градови каде што моторните возила се добар дел од загадувачите. Дополнително треба да се има предвид дека со натамошното зголемување на увозот на стари возила се наметнува проблемот уште повеќе зашто државава нема план за уништување или за складирање на стари возила како отпад.

Она што досега се знае во однос на прашањето е тоа дека новата пресметка на данокот на возила ќе ги засегне одредени категории возила со поголеми мотори, но и оние што имаат поголема емисија на јаглерод диоксид во воздухот.

Вчера се одржа една од средбите на кои се усогласуваат ставовите за методологијата на пресметка на данокот на Министерството за финансии и засегнатите страни, но ништо ново не се дозна од оваа средба.

Министерството за финансии молчи, трговците се борат да нема влијание врз цената

Од Министерството за финансии ништо не соопштија по средбата, а не одговорија и на нашите прашања поврзани со разјаснување на процесот на донесување и промените кои ги содржи новата методологија, ниту за тоа како таа ќе влијае на цените на возилата. Претставниците на трговците на возила по средбата само изјавија дека нивната цел при донесување на методологијата е да нема финансиски ефект. Тие велат дека целта на методологијата е да се направи корелација помеѓу NEDC и WLTP методологијата за да можат возилата рамноправно да бидат оданочени при нивното пуштање во слободен промет. Трговците со нови возила кои ги контактиравме велат дека во практика нема многу нешто да се смени во однос на цената на возилата.