
„Власта е свесна дека ќе доживее цунами на претстојните парламентарни и претседателски избори, па сега само бара начини и прави математики како да го ублажи поразот“.
Вака политичкиот аналитичар Синиша Пекевски за Плусинфо ја толкува упорноста на СДСМ во инсистирањето да се одржат изборите во различен ден, иако постои реална можност вториот круг на претседателските избори да се одржи заедно со парламентарните избори, а со тоа државата би заштедела големи пари.
Тој вели дека разликата помеѓу одвоени и споени избори изнесува од 5 до 6 пратеници во редовите на СДСМ.
– Зад „инаетот“ на СДСМ да не се одржат изборите во ист ден стои само желбата оваа партија да не доживее изборен дебакл. Сопартијците на Димитар Ковачевски секако ќе доживеат цунами, но најверојатно се надеваат дека со помош на ДУИ и на странските фактори ќе изберат претседател на државата, па со таков ветер во грбот да успеат да го намалат поразот што ги очекува на парламентарните избори. Со оглед на непишаното правило дека гласачите сакаат секогаш да се приклонуваат кон победниците, актуелната власт сигурно си мисли дека со евентуална победа на претседателските избори ќе ги привлече граѓаните да гласаат за нив и на парламентарните избори. Значи, станува збор за класична стратегија на СДСМ во пресрет на изборите. Нивните мерења покажуваат дебакл, односно дека на парламентарните избори ќе освојат помалку од 20 пратеници. Тие се спремни буквално на сѐ за да остварат колку-толку подобар резултат. Според моите анализи, разликата од одвоени и споени избори може да биде од 5 до 6 пратеници на штета или во корист на СДСМ. Секако, ВМРО-ДПМНЕ ќе има над 60 пратеници, па тоа нема да им смени многу на социјалдемократите, иако не е исто да се има 20 и 26 пратеници – објаснува Пекевски.
Политикологот Димитар Христов во разговор за Плусинфо вели дека одржувањето на претседателските и на парламентарните на ист ден е најекономично решение.
– Се заштедуваат големи пари, но и енергија. Исто така, спроведувањето на изборите во ист ден ќе биде и доста поволно за граѓаните, бидејќи во период од 14 дена би гласале само два пати, вклучувајќи го и вториот круг на претседателските избори. Од друга страна, ако се одржат изборите одвоено, тогаш граѓаните ќе треба да излезат на гласање три пати за многу кратко време, а тоа може да предизвика револт и помала излезност. Уште една позитивна работа во одржувањето на изборите во ист ден е тоа што политичката кампања би траела пократко, па нема да мора долго време да ги гледаме партиските телевизиски спотови – објаснува Христов.
Тоа што СДСМ не сака избори на ист ден, додава тој, е поради тоа што во партијата на Димитар Ковачевски се свесни дека ќе доживеат тежок пораз.
– Сепак, постои и можност или калкулација, односно „пазарење“ со гласови за формирање влада со некоја од партиите од албанскиот блок за сметка на гласање за нивниот кандидат на претседателските избори. Дали очекуваат некакво пазарење во предизборни или постизборни коалиции, најдобро си знаат во таборот на СДСМ. Сепак, сето ова се обиди на партијата што е можно подолго време да го пролонгира периодот на власт – вели Христов.
Целата анализа на Плусинфо на следниот линк:





