Пумпање на капиталните инвестиции на почетокот на годината за буџетот да се претстави како развоен, па кратење со првиот ребаланс, зашто не може да се реализираат, објави Телма. Тенденцијата продолжува и оваа година. Во буџетот беа предвидени рекордни 790 милиони евра за капитални инвестиции. Сега, 295 милиони евра ќе се префрлат за плати во јавниот сектор, пензии и субвенции. Од нив, скоро 12 милиони евра одат за зголемување на функционерските плати за скоро 80 отсто. Се крати од стоки и услуги и најмногу од инвестиции во инфраструктурата.

- – „Тоа е просто кажано – политички маркетинг. На почетокот на годината, кога се спрема буџетот, се фалат со тоа колку многу пари ќе инвестираат во автопатишта, во хидроцентрали, школи, болници или што и да е, и тоа го прават од чисто политички побуди за да кажат еве ние ќе градиме, ние ќе ви дадеме сè што сакате и потоа, во текот на годината, кога ќе сфатат дека не можат тоа да го реализираат, дали зашто се неспособни, дали затоа што не им е гајле, едноставно ги кратат средствата“, вели за Телма економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, вели дека ова се прави во интерес на граѓаните. Бесими вели дека не се работи за ребаланс, туку за реалокација, зашто приходите и расходите во буџетот остануваат исти, но парите се префрлаат од едно место на друго. Тој вели дека се кратат пари кај оние капитални проекти, кои побавно се реализираат. Слична ситуација се повторува со години. На почетокот, владата планира високи инвестиции, и се фали со развоен буџет, но со ребалансите тие пари ги пренаменува за други трошоци, па на крај ни скратените не ги троши целосно.





