Владата сака да ги врати 100 години назад работничките права, алармираат синдикатите

Власта сака да ја врати Македонија назад пред 100 години, кога всушност се воведе осумчасовното работно време, смета синдикатот, откако државата е се поблиску до тоа да се обврзе дека при изградбата на патиштата од „Бехтел и Енка“, наместо 40 часово, ќе биде одобрено 60 часовно работно време во текот на една недела, анализира Фактор. Откако во јавноста опозицијата ја пласираше тезата дека Владата се обврзала дури и да плаќа тешки пенали доколку за американско-турскиот конзорциум не успее да го обезбеди ова работно време, од владата велат дека милионски суми нема да се плаќаат, но ќе се продолжи изградбата на коридорите, што, сепак, ќе ги зголеми трошоците, а тоа и граѓаните ќе ги чини повеќе пари.



Инаку, Владата не го објавува договорот со „Бехтел и Енка“, но тврди дека не зела обврска дека во рок од 45 дена ќе донесе законски измени со кои ќе ја ја зголеми работната недела за работниците на коридорите од 40 на 60 часа, а во спротивно да плаќа дестици милиони евра во форма на пенали.

„Согласно обврските во случениот договор, изведувачот може да работи во услови во кои важат постоечките одредби од законските решенија врзани со изградбата на Коридор 8 и 10Д, но во тој случај рокот за изведба би бил подолг од 5 години. Во овој случај државата ќе има обврска да ги исплаќа трошоците за изградба во дополнителните години градежни работи, што во краен случај, државата и граѓаните ќе ги чини повеќе средства“, изјавија од Владата.

Како што е познато, ова следуваше откако потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски објави дека ако не се зголемми работната недела владата ќе плаќа три вида на пенали кон Бехтел и Енка. Еднократно 53 милиони евра, секој месец 1 милион 265 илјади евра на веќе постојни трошоци кои што треба да се платат во договорот и дополнителни 900 илјади евра.

А Сојузот на синдикатите на Македонија најавува остра битка за заштита на правата на работниците.

Велат дека досега не се ни прашани дали се согласуваат со вакви услови на работа на коридорите. 

„ССМ, иако е единствен репрезентативен синдикат и национален социјален партнер, не беше консултиран ниту за основниот, а не е консултиран ниту при носењето на Законот за стратешко партнертство за изградба на коридорот 8, иако тоа е обврска согласно Конвенцијата на МОТ за трудови клаузули, па Владата пред да прави било што, требало да ги консултира репрезентативните претставници на работниците и работодавачите. ССМ не е запознаен со новите предлози за измени и дополнување на Законот за работните одсноси поднесени од 15 пратеници во Собранието по итна постапка, иако повеќе од 5 години се преговара за нов ЗРО, и во ниту еден момент во текот на тие преговори овие предлози не биле разгледувани. Ова дополнително ни укажува дека целокупниот процес на преговарање е паушален и не се води на искрени и коректни основи, туку воопшто не се почитуваат ставовите на вклучените синдикати , граѓанскиот сектор и научната и стручната фела во државата, се со една цел, да се удоволи на еден странски конзорциум, на штета не само на работниците туку на целата држава“, вели во разговор за Фактор Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија.

Тој потсетува дека минатата година ССМ, заедно со Синдикатот за градежништво – СГИП покренаа иницијатива во врска со одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградбата на Коридорот 8, и таа одредба како неуставна и незаконита беше укината од страна на Уставниот суд. Затоа, како што вели, овој став на Уставниот суд важи и за овие предлог измени, со оглед на тоа што Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, а пратениците се најповикани да ги почитуваат.

Тој додава и дека последните предлози за измена на ЗРО во насока на зголемување на неделното работно време со таканаречена „согласност“ на работникот, како и предлозите кои значат отстапување од договореното правило недела да биде неработен ден за најголем број на вработени во државата, дефинитивно покажуваат дека владата нема намера да функционира согласно принципите за социјален дијалог и активно учество на синдикатот карактеристичен за демократските и европски ориентираните државни системи.