Владата прави сѐ да го упропасти бизнисот – Работници од Индија, Шри Ланка, Зимбабве се на листата на чекање

Никој не знае, или не сака да каже колку работници се увезени во земјава во текот на годината, но се знае дека голем број компании ја почнаа постапката преку домашни и странски компании или преку блиски партнери во странство, објави ПлусИнфо. Бизнисот направи анализа за потребата од увоз на странски работници бидејќи таква потреба има во речиси сите сектори: градежен сектор, текстилна индустрија, земјоделство, сточарство, услужен сектор-сервиси, занаетчиство, туризам и угостителство.



Законски, меѓутоа само 5.000 луѓе од странство, според определената квота за годинава, можат да добијат дозвола за работа во некоја домашна компанија. Колку работници се увезени во земјава во текот на годината нема податок, но се знае дека голем број компании ја почнале постапката за увоз на работна сила преку домашни и странски компании или преку блиски партнери во странство.

Зоран Кочовски од Агенцијата за посредување при вработување „Коузон“ која подготви анализа за интеграција на странски работници во земјава и ја достави до бизнис заедниците и до владата, вели дека потребата од работници во земјава е голема, но дека нема конкретна законска подлога за поинтензивно реализирање на процесот, а отсуствува и интерес од владата процесот да се забрза.

Владата прво треба да донесе стратегија во која ќе утврди кои ќе бидат доминантни сектори за кои ќе се увезуваат работници и да ги одбере регионите од каде што ќе се бараат работници. Потоа ќе треба да се потпишат билатерални спогодби со тие земји и да се отворат конзуларни претставништва во тие земји за да се реализира процесот побрзо, но и да направи законски систем за интеграција на овие работници во земјава кој ќе им гарантира на странците дека ќе можат да останат одреден период, дека ќе имаат вработување, здравствено осигурување, и да ги утврди позициите на работодавачите во тој процес – покривање на трошоците, сместување, храна, превоз до работно место и слично – вели Кочовски.

Според него, за успешно завршување на процесот потребно е и да се утврдат критериуми за добивање лиценци на агенциите за посредување при вработување за носење на работници од странство.

Во нашата регулатива не се размислувало за овој проблем и сега агенциите за посредување при вработување можат да посредуваат само за работници за вработување од земјава и од земјава во странство. Нема лиценца која ќе овозможи вработување на странски работници во земјава. Тоа е проблем, ако сакаме целиот процес да биде законски воден – додава тој.

Проблем е и тоа што владата не е доволно заинтересирана да ја забрза постапката за увоз на работници од странство. Носењето  работници е отежнато бидејќи нема конзуларни претставништва во голем број од земјите погодни за регрутирање работници.

Преку Коузон годинава 5 компании побараа да донесат околу 130 општи работници. Постапките се во тек, но имаме проблеми со оддалеченоста на конзуларните претставништва. На пример, за една текстилна компанија треба да донесеме 42 работника од Шри Ланка. Тие неколку пати треба да одат во амбасадата во Индија за да ги обезбедат сите документи за што се потребни и време и пари. Тоа е бавен процес кој би се забрзал, ако земјава отвори претставништво во Шри Ланка од каде може да се регрутираат работници. Такви претставништва или посебни канцеларии треба да се отворат во земјите од каде што според стратегијата ќе се бараат работници. Кога се има предвид ова прашање треба да се отстранат и административните бариери, како и периодот на издавање визи – појаснува Кочовски.

Искуствата во регионот, вели тој, се малку поинакви отколку кај нас.