Владата попушти и го објави списокот со “тајните хонорарци”, меѓу нив и новинари

По силен притисок од јавноста Владата на Република Македонија денеска мораше да ја објави листата на лица кои се ангажирани преку авторски договори за специфични задачи кои не може да се обезбедат од редот на вработените.



На списокот е и новинарот Петрит Сарачини кој најави правни механизми за објавување на текст во Expres.mk во кој се опишува признанието на Сарачини дека добивал хонорар од владата.

Списокот беше објавен дури откако претходно беа извршени консултации со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за модалитетот за заштита на личните податоци на соработниците опфатени со овие ангажмани.

Целиот список во кој има и познати и непознати личности кои вршат не многу јасни работи за владата е достапен тука.

Од Владата сметаат дека со објавувањето на листата станува јасно дека нема тајни хонорарци.

Според владата, точно се знае за што Владата ангажира физички лица надвор од редот на вработените, за кој временски период, за колкав финансиски надомест. Тие ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост.

„Внимателноста со која Владата постапи во овој случај, со вклучување на дополнителни консултации пред објавувањето на листата хонорарни соработници, беше мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица.

Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните.

Во таа насока, упатуваме јасна порака дека Владата и институциите ќе ги искористат сите институционални механизми кои се на располагање да ги заштитат професионално ангажираните лица од јавен линч, нарушување приватност, говор на омраза или повици за насилство.

Уште еднаш категорично ги отфрламе сите дезинформации дека наводно исти лица биле вработени во Владата и во исто време добивале хонорар. Тоа не е точно бидејќи е недозволиво вработени во Владата да бидат и хонорарно ангажирани од Владата.

Исто така, ги отфрламе и како неточни и информациите дека станува збор за луѓе кои биле платени да споделуваат постови на „Фејсбук“ или „Твитер.“ Тоа е лага измислена и раширена токму од оние центри кои користат „ботовски” системи за ширење лажни вести, а Владата е противник на таквото нечесно манипулирање со граѓаните“, посочуваат од Владата.

Аферата за „тајните хонорарци“ беше откриена од порталот Призма.