Македонскиот јазик и идентитет, македонската историја и култура треба да бидат заштитувани и одбранети не само само во однос на Бугарија. Погрешен е фокусот во одбраната на македонскиот идентитетски комплекс само наспрема бугарската држава, бидејќи Заев и СДСМ сите елементи на тој македонски идентитетски комплекс и ги продадоа на Грција за бадијала уште со потпишувањето на „Преспанскиот договор“. Договорот за добрососедство“ со Бугарија е прикаска број 2 во регионалното антимакедонско сценарио, а „Преспанскиот договор“ е број 1. На Грција веќе и е дадена „тапијата“, „имотниот лист“ од „Балканскиот катастар“ дека се што има пред себе одредница „македонски“ им припаѓа на Грците, а воопшто не на Македонците. Македонците треба да си го вратат назад тој „имотен лист“, да им го одземат на Грците, бидејќи ним не им припаѓа според никоја основа. Фокусот во борбата за заштитата на идентитетот на македонскиот народ и неговата историја треба да се насочи најпрвин кон Грција и да се отпочне час поскоро со колку е можно посеопфатни активности за поништување на „Преспанскиот договор“ и за враќање на името Македонија на државата на македонскиот народ.
Мнозинството на македонскиот народ ја искажа својата политичка волја: за него изминатите локални избори првин беа референдум за Македонија и против „Преспанскиот договор“, едновремено за отстранување на Заев, на СДСМ и владејачката коалиција од кормилото на државата, а потоа и за избор на нова гарнитура градоначалници од народот за народот. Меѓутоа, за поништување на „Преспанскиот договор“ потребно е и интензивно меѓународно лобирање, создавање нова, соодветна клима во меѓународната заедница за разбирање и признавање на правото на македонскиот народ за национална самоидентификација како Македонци. Секоја политичка сила, која што ќе се стреми да ја формира следната Влада на Република Македонија, ќе мора да отпочне веднаш со такви меѓународни лобирања, раководејќи се од референдумски искажаното барање на мнозинството Македонци да се елиминира „северна“, за да биде Македонија пак Македонија. Да им се предочи на меѓународните спонзори на „северна“ дека не може во недоглед да се гази врз цел еден народ, македонскиот, а по ќефот на неговите „добри соседи“.
Едновремено и напоредно стои и втората цел – да не се дозволи уште едно национално предавство на штета на Македонците: овојпат дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, оти Македонци до 1944 година не постоеле и дека голем дел од македонската национална историја е, всушност, историја на бугарскиот народ. ВМРО ДПМНЕ мора се да стори да го спречи Заев да потпише дополна со вакви „признанија“ кон постојниот „добрососедски договор“. Но, ако Заев и се одважи на залезот на својата политичка кариера да стави свој потпис на таков антимакедонски документ, тогаш мора да смета однапред на фактот дека „Договорот“ со Бугарија сосе таквиот анекс ќе бидат поништени. Заедно со „Преспанскиот договор“. Ивица Боцевски јасно порача дека името Македонија ќе биде вратено, што подразбира фрлање на „Преспанскиот договор“ на ѓубриштето на историјата. Ова се однесува и на Договорот со Бугарија. ВМРО ДПМНЕ мора да се избори за доследна примена на неговата „Резолуција за македонските државни позиции“ во врска со блокадите на евроинтеграциите, усвоена во македонскиот парламент. Исто така, нема за што да се преговара натаму со Бугарија околу македонскиот идентитетски комплекс и македонската историја. Апсурдната „Комисија за историски прашања“ мора да се расформира.
Наместо „Преспански договор“ и „Договор за добрососедство“ со Бугарија ќе мора во Парламентот, сигурно не во овој состав на „купи – продај пратеници“, туку во следниот, кој ќе произлезе по неминовните предвремени парламентарни избори, да се донесе единствена „Резолуција за добрососедски односи со државите на Балканот“, врз основа на меѓународните резолуции и принципи на вистинското добрососедство, во духот на меѓусебното признавање и на соработката на државите. Да се пружи македонската рака на пријателство кон Бугарија и Грција и сите други, со барање за признавање и на постоењето на македонските малцинства во овие држави со сите нивни права, па кој прифати – прифати. Не само Зоран Заев, туку и секој друг политичар треба да води сметка дека не смее да се става во улога на „политички трговец“ со македонскиот идентитет и со достоинството на македонскиот народ, колку да се отпочнеле преговори за имагинарен влез во ЕУ. Кој им дал право на Груби и на другите политичари од владејачката коалиција да подготвуваат „одговори удобни за бугарските ставови, за да се овозможи деблокирање на ветото“? Одговори „удобни за Бугарите, а неудобни за Македонците“, на штета на Македонците?
Откако одлучи да влезе во Владата, Алтернатива порача дека „затворањето на спорот со Бугарија не е само државна, туку и албанска цел, затоа што со затворањето на тоа прашање се отвора патот на целиот регион кон ЕУ“. Не може да биде „албанска цел“ прашање, кое најдиректно и исклучиво мораат да го решаваат Македонците. Тоа е само македонско прашање. А како да се „затвори“? Така што ќе се согласат Македонците сега и по желбата на Бугарите да кажат дека не се Македонци, ами се уште „неосвестени Бугари“? Да се отворел патот на целиот регион кон ЕУ врз грбот на Македонците, така што ќе се констатира дека тие не постојат? Бесмислици. Едно претпоставено прашање: ако случајно некому би му текнало, од кои било причини, да гиба во албанскиот национален идентитет, да се обидува да оспорува некои негови елементи, било кои, дали би имале право Македонците да се мешаат во такви настојувања? Дали би имале право да застануваат на чија било страна против албанската нација, без оглед од какви причини? Се што се однесува на албанскиот народ е само негова работа, се што се однесува на македонскиот народ е само негова работа. Секому мора да му се почитува сопственото идентификациско чувство кој е и што е. За овој принцип со реципрочна, заемна важност, мора да се свесни и Артан Груби, и челниците на Алтернатива и ДУИ, а посебно Бујар Османи како МАКЕДОНСКИ министер за надворешни работи.
Се слушаат во јавноста овие денови предупредувања дека во Македонија „ќе се случи внатрешна политичка дестабилизација и зголемување на меѓуетничката напнатост“, ако на 14-ти декември не се добие датум за почеток на европреговорите. Секој со вакви размислувања, можеби интонирани и од „некаде однадвор“, треба да има предвид дека „потпалувањето на меѓуетничкото ќумбе“ не води никаде, оти тоа може да биде на штета на сите. Дека заканите не можат да биде делотворен метод за „разбивање“ на „македонската идентитетска тврдоглавост“. Вештачка е дилемата што ќе биде со оваа држава, дека таа божем ќе пропадне, ако Европската Унија не и ги отвори вратите со давањето датум за преговори. Ниту Македонија ќе пропадне ако не добие датум, ниту ќе стане кога било членка на ЕУ и да добие датум. Ќе минат 10, а можеби и пет пати по 10 години на преговарања, па пак Македонија нема да дочека да се слади со „медот и млекото“ на ЕУ, кои им згорчија на Полска, Унгарија, Велика Британија… И СДСМ, И ДУИ и Алтернатива и секоја политичка партија треба да внесат еврореализам во своите политички програми, да се освестат дека оваа и ваква ЕУ само глуми лицемерно подготвеност да се проширува. Водечки европски политичари, врвни експерти за меѓународни односи и за ЕУ – проблематиката од подамна имаат предупредено дека ЕУ веќе ги затворила вратите за „Западниот Балкан“, а посебно за такви пропаднати и распаднати “држави“ како „северна“, во кои со нула се множи обичниот граѓанин од која било етничка припадност да е.
Заев и сите негови колеги – „трговци со македонските национални интереси“ ќе мора да имаат предвид уште неколку крајно сериозни факти: Азем Садики, градоначалникот на Студеничани, општина во која има најмногу, дури 20 гробови на негови жители живи изгорени во трагедијата во Бугарија, предупреди дека „ќе има големи последици, ако не се расветли до крај овој случај, ако не се каже вистината“. Оваа Влада треба да стори се да се открие таа вистина, да се каже вистината и за 14 – те живи изгорени и во тетовската квазимодуларна „болница“. Оваа Влада мора да има предвид и дека ќе се соочи со незапирлива експлозија на гнев и револт на граѓаните, штом ќе се соопшти со колку проценти ќе се поскапи струјата. Угледни новинари и економски аналитичари, веќе предупредија дека се можни масовни протести и излевања на незадоволствата низ улиците во градовите, поради жестоките удари врз дотепаниот животен стандард на граѓаните. Сезоната на „жешката македонска зима“ можеби ја отвора Сојузот на синдикатите, кој соопшти дека на 12 декември во Скопје ќе организира протест за заштита на економските и социјалните права на своите членови и на сите работници.
Беџет Муслиу, директорот на информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата колумна „Барањето одговорност не треба да се гледа како ‘политизирање на трагедијата’ во Бугарија, туку како нешто нормално!“ заклучува: „Во ова општество граѓаните мора да се мобилизираат, за да го наметнат политичкиот морал со сите неопходни демократски средства.
Доволно е еднаш да им се даде лекција на политичките елити и во иднина самите ќе знаат како да постапуваат!“ Затоа, Заев и СДСМ, ДУИ и Ахмети, сега веќе и Алтернатива и другите во владината коалиција, наместо да изготвуваат „одговори удобни за Бугарите“, против Македонците, нека смислуваат какви одговори ќе дадат, за да бидат „удобни“ за семејствата на изгорените во Бугарија и во Тетово, да бидат „удобни“ и за осиромашените граѓани и работници, кои допрва ќе се разбеснат, откако ќе пресметаат колку ќе мораат да плаќаат струја по ново.
Во спротивно, Владата, Заев, СДСМ и целата владина коалиција ќе ги добијат „лекциите на Муслиу“, кои воопшто нема да им бидат „удобни“…





