Спас Ташев од Институтот за истражување на населението и на човекот при Бугарската академија на науките (БАН) тврди дека Владата на Зоран Заев потрошила 30 милиони евра за датум за преговори со Европската унија во декември со црн пи-ар против Бугарија!
„Владата на Зоран Заев, која многу тврди дека сака да се зближи со Бугарија, префрлила меѓу 2,5 и 3 милиони евра на словенечката фондација ИФИМЕС, која ги осплужува македонистичките интереси и црните пи-ари против Бугарија. Покрај тоа, дадени се 30 милиони евра за црн пи-ар против Бугарија за лобирање за датум во декември во Европската унија и во Соединетите држави одново од Зоран Заев. Тие средства набргу ќе ги дадат своите медиумски резултати и ние ќе бидеме сведоци на уште такви лажни вести“, изјави Ташев за телевизијата Бугарија он ер, мислејќи на наводниот рок што им го дал францускиот претседател Емануел Макрон на Бугарија и на Македонија за постигнување договор за откочување на македонската евроинтеграција.
„Побаравме некој официјален извор на оваа информација и не откривме такви зборови на францускиот претседател. Скопје е фабрика за лажни вести. Нема документ од Макрон до амбасадорите на Франција во ЕУ дека до 14 декември ќе почнат преговорите за евроинтеграцијата на Скопје“, додава бугарскиот експерт за таквата информација обилно експлоатирана од мегафоните на власта во Македонија.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана ден пред најавеното гласање за (не)доверба на Владата на Заев на 11 ноември излезе со „истражување“ со спектакуларен наслов „Албанците ја предаваат државата во руски раце?“, алудирајќи на потписите од пратениците на БЕСА и на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива на барањето за интерпелација!






