Адвокатското друштво Апостолски за денес најави дека ќе поднесе тужба против Владата затоа што не ги имплементира мерките за борба против загадувањето.
Како што информираа, тужбата против Владата со овластено лице Зоран Заев ќе биде поднесена пред домашните судови и пред Европскиот суд за човекови права, а поради повреда на правото на живот согласно член 10 од Уставот на РМ и Член 2 од Европската конвенција за човекови права, правото на здравствена заштита гарантирано со член 39 од Уставот на РМ и правото на здрава животна средина по член 43 од Уставот на РМ, се вели во известувањето:
„Со програмата Владата се обврза да го намали загадувањето на воздухот до 2020 во: Скопје до 50%, а во другите градови од 30 до 50%.
Заради тоа утре во 12.59 ќе поднесеме тужба до Основниот граѓански суд во Скопје со која тужба бараме судот да утврди повреда на говенаведените права и дополнително да изрече мерки против Владата на РМ, односно функционирите во Владата на РМ- Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, министри, заменици министри, ржавни секретари, шефови на кабинети на министри, заменици министри и државни секретари, советници, координатори и други.
Предложени мерки се намалување на плата на функционерите, забрана за користење службени возила, забрана на користење државни пари за службени појадоци, ручеци, вечери, како мерки кои најмногу би ги засегнале државните функционери за да почнат со имплементација на мерките согласно Програмата за намалување на аерозагадувањето.
Предлагаме и Јавниот обвинител на РМ да превземе мерки согласно неговите надлежности за утврдување кривична одговорност и веднаш да отвори истрага против сторителите.
Повикуваме сите загрижени граѓани и невладини организации да се приклучат на поднесувањето на тужбата утре -петок, 01.11.2019 во 12.59“, се вели во информацијата од адвокатското друштво Апостолски.





