Владата на Мицотакис денес ќе положи заклетва

Точно на пладне, членовите на новата грчка Влада ќе положат свечена заклетва, по што ќе следи и примопредавање на функциите во министерствата, додека, пак, првата владина седница ќе се одржи утре, јави дописничката на МИА од Атина.



Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас вчера го соопшти составот на владата на Кирјакос Мицотакис, ги објави имињата на министрите, замениците и алтернативните министри.

Кабинетот на Мицотакис ќе има 51 член (министри, заменици министри и алтернативни министри) од кои 21 за прв пат влегуваат во политиката.

Во Министерството за надворешни работи ќе бидат Дендиас, Варвициотис, Франкојанис и Диаматарис . Шеф на грчката дипломатија е Никос Дендиас, алтернативен министер за надворешни работи надлежен за европски прашања е Милтиадис Варвициотис, заменик министер за надворешни работи одговорен за економска дипломатија е Костас Франкојанис, а заменик МНР за дијаспората, Андонис Диаматарис.

Новото парлементарно мнозинство, за претседател на парламентот што почнува со работа на 17 јули, го предлага Константинос Тасулас.

Откако ќе се отвори парламентот, пратениците ќе положат свечена заклетва, потоа ќе биде избран претседателот, по што ќе следи и тридневна расправа на која ќе биде презентирана владината програма и ќе се гласа доверба.

Кирјакос Мицотакис, вчера од претседателот на државата го доби мандатот за формирање влада, по што и положи свечена заклетва.

Победничката Нова демократија освои 39, 85 отсто од гласовите на изборите во неделата, и ќе има 158 пратеници во новиот парламент.

Досегашната владејачка СИРИЗА во идниот состав ќе има 86 пратенички места.