Владата и СДСМ признаа дека спроведуваат реваншизам – пишува Горан Момироски

Ја читам контроверезната изјава на вицепремиерот за корупција Љупчо Николовски за реваншизмот како партиска и владина практика и не можам да се начудам.



Со својата изјава Николовски индиректно признава дека Владата на СДСМ И ДУИ во која тој има една од највисоките функции 4 години врши реваншизам на партиска и политичка основа.

“Деинсталација на режимот значи широка акција на сите нивоа на политика и на сите нивоа на власт, од ослободување на Владата од режимските стеги, преку прекинување на ланецот реваншизми, па сѐ до прочистувањето на судството”, напиша Николовски барајќи соработка со ВМРО-ДПМНЕ.

Со изјавата Николовски признава дека 4 години СДСМ не ги прекинала ланците на реваншизмот во кој страдаат илјадници луѓе.

Николовски признава дека се потребни мерки за во моментов да се случи запирање на ланецот на реваншизам и со тоа се става во крајно незгодна ситуација затоа што ова е прво признание на некој висок владин функционер дека неговата влада и партија учествуваат во реваншизам макар да е тој дел од ланец или испровоциран од опозицијата.

Оваа изјава на Николовски освен што е доказ дека власта не успеала да се надмине и да запре со одмазднички напади врз луѓе поради нивната партиска припадност, на многу граѓани ќе им помогне.

Имено, илјадници луѓе кои со години се предмет на таргетирање или влечат по судови сега ќе можат да ја искористат изјавата на Николовски дека постои цел систем на реваншизам кој власта свесно не го прекинува.

А Николовски не е било кој туку генерален секретар на СДСМ и одговорен во владата за корупција и криминал. Тој најдобро знае што се случува во владата и како функционира ланецот на реваншизам.

СДСМ морала кога дојде на власт да го прекине ланецот на претходната влада и да ги суди сите што спроведувале реваншизам. Непрекинувањето на ланецот е исто така кривично дело.

За да се прекине овој ланец на злото на Николовски и СДСМ не им требаат ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту свети Христијан Мицкоски туку само човечност, здрав разум и совест.

Конечно, Собранието односно Постојаната анкетна комисија за човекови права по изјавата на Николовски мора да формира предмет во кој што ќе го испита и Николовски но и другите партиски и владини функционери кои се вклучени во нечовечкиот однос на власта врз луѓе само затоа што се симпатизери, членови или блиски на некоја партија или организација.

Целиот твит на Николовски