Новиот Закон за заштита на Охридскиот регион што е доставен до Собранието не е истиот што бил договорен со експертите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова значи дека јавните расправи се фрлени во вода, а експертската јавност е излажана, на ист начин како и УНЕСКО, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска.
„Предлог-законското решение за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, кое е доставено во Собранието, деновиве можевме да видиме и да чуеме дека не е тоа на кое било работено изминатиот период со граѓанските организации запознаени со проблемот. Ова значи дека јавните расправи на оваа тема што биле правени биле буквално фрлени во канта заедно со сите експертски мислења што биле изнесени. Ова само го покажува односот на власта кон експертската јавност“, вели Лашкоска.
Владата тоа што го презентирала пред комитетот на УНЕСКО во Баку не соодествува со тоа што сега како предлог-законско решение го нуди.
„Владата на Заев со ова ги излажа и експерите и УНЕСКО и сите граѓани на Охрид и Република Македонија. Да потсетиме, спротивно на сите насоки, оваа Влада вметнува одредби со кои новиот Совет треба да одлучува со Бадентер, што е спротивно на Уставот, а згора на тоа во Советот да членува и еден надворешен претставник по предлог на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците. Класично политизирање на една тема што треба да ја уредуваат експерти. Да потенцирам, ова не го говори само ВМРО-ДПМНЕ, туку ова го говорат медиумите, експертите и претставниците на невладините организации“, истакна Лашкоска.
Поради тоа, од опозициската партија бараат итно повлекување на ова законско решение.





