Премиерот Зоран Заев, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ДУИ Али Ахмети на вчерашната средба се согласиа дека е исполнета целта да се обезбедат стабилна Влада и стабилно парламентарно мнозинство кои ќе дејствуваат исклучиво во интерес на граѓаните и на државните интереси.
Следните парламентарни избори, како што информираа од владината прес-служба, се очекува да бидат редовни и да се одржат во 2024 година.
„Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евроатлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија“, беше соопштено по средбата.
Средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, вчера имаше и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој порача дека разговарале за спорот со Бугарија, за што тој ги повторил своите ставови, но и за предвремените парламентарни избори.
„Имајќи ја предвид состојбата во општеството, криминалот и корупцијата нефункционалните институции, недисциплината, лошата економска и енергетска состојба во земјава и уште многу други фактори коишто негативно влијаат, мојот став е дека само со сериозен ресет на системот, многу макотрпна работа и нови луѓе можеме да излеземе од оваа кризна состојба од којашто се наоѓаме, а за тоа се потребни предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.







