Денеска во Владата на Република Северна Македонија продолжи дијалогот помеѓу синдикатите и претставници на Владата за усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата, а ССМ и Владата излегоа со различно ниво на оптимизам по разговорите на „Илинденска“.
Првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, изјави дека нема договор околу барањето на синдикатот за линеарно покачување на платите во јавниот сектор од 2.806 денари и повтори дека ССМ на утрешните седници на своите органи ќе донесе одлука за започнување генерален штрајк.
Владата, пак, заедно со информацијата дека синдикалците се сретнале со вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, издаде воздржано соопштение во кое сепак превладува пооптимистички тон:
„Вицепремиерот Битиќи на почетокот на состанокот посочи дека дијалогот во никој случај не е прекинат. Преговорите во последниот период се водеа по гранковите синдикати и надлежните Министерства како и дека Владата останува на ставот дека усогласување на платите треба и ќе има, но во тој процес никако не смееме да заборавиме на моменталната ситуација, солидарноста и секако ефективноста на јавната администрација. На состанокот најавено беше дека ќе бидат формирани работни групи кои ќе работат на дефинирање на моделот за плати кој ќе осигурува раст на платите на долг рок но и методологија која ќе ја следи продуктивноста на вработените“, соопштија од Владата.






