Владата дала 50 илјади евра за гориво за несервисирани “Ер Трактори”

Иако авионите „ЕрТрактор“ наменети за гаснење на пожари, две години не летаат бидејќи не се сервисирани, тоа не било пречка Дирекцијата за заштита и спасување уште во мај годинава да обезбеди гориво за нив.



Горивото е набавено иако сите инволвирани знаеле дека во наредните неколку месеци авионите нема да може да летаат.

Договорот за набавка на млазно гориво е склучен на 5 мај, вреден 50 илјади евра. Покрај купеното гориво, за трите авиони лани е склучен договор за осигурување во вредност од близу 200 илјади евра кое истекува во септември годинава, јавува Алсат М.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за телевизијата изјавил дека овие набавки биле неопходни, иако станува збор за многу побрзи и поедноставни постапки од склучување договор за сервисирање на авионите.

„Што би било ако имаме готов авион, а немаме гориво. Таквата постапка е многу поедноставна и многу побрзо се решава отколку оваа, никој не очекуваше дека истиот оператор ќе се обжали два пати на иста постапка. И во текот на отворањето и во текот на поништувањето на постапката за да се оди со преговарање. Не може сите три набавки да ги тераш како што треба. Започнати се истовремено, не може авион да биде неосигуран, а да го носиш на сервис, а од друга страна мора да имаш гориво за истиот да лета“, вели директорот на ДЗС, Беким Максути.

Максути вели дека постапката за сервисирање на авионите е започната и се очекува во наредните денови да се потпише договорот. Сепак, за да може еден авион да полета ќе треба да се почека до 45 дена за да може да се сервисира.

Трите „Ер трактори“ не се во функција веќе две години. Двата објавени тендери за сервисирање пропаднаа откако сервисерот барал сум која што е 40 насто повисока од тоа што ја овозможува Законот за јавни набавки. Во моментов постапката ќе биде спроведена со директно преговарање за наоѓање сервисер со цел да може авионите да бидат функционални, објави Алсат М.