Владата на седницата му препорачала на операторот на електропреносен систем МЕПСО да се обрати до деловните банки и од нив да бара кредити за одржување на ликвидноста во текот на годината додека трае енергетската криза.
„Се препорачува на органите на управување на АД МЕПСО – Скопје во однос на финансирањето и обезбедувањето на ликвидност на Друштвото во текот на годината да се обратат до комерцијалните банки со цел економично финансирање на потребите во текот на 2022 година“, се вели во заклучокот по одржаната седница на 10 февруари.
Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани, вели дека ваква препорака добил МЕПСО откако побарал финансиска помош, но и дека од нивна страна бил испратен негативен одговор до Владата.
– Ние бевме тие кои побараа помош, а испративме одговор дека не можеме да бараме кредити кај приватните банки затоа што веќе сме задолжени кај меѓународните кредитори за инвестиции. Одговоривме дека единствено Владата може финансиски да помогне, вели Муртезани.
Неколку дена подоцна Владата донесе одлука да му исплати 11 милиони евра на акционерското друштво преку Електрани на Северна Македонија.
„Средствата од оваа одлука, Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје, да ги искористи за намирување на финансиски надомест за порамнување на отстапувања помеѓу номинираните и реализираните количини на електрична енергија кон АД МЕПСО, во државна сопственост, Скопје, за 2021 година, заради справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија“, се вели во донесената одлука.






