Владата ѝ дала полициски овластувања на Армијата: да приведува, претресува, влегува во домови!

Со владина уредба со законска сила од 21 март, македонската армија доби полициски овластувања за време на вонредната состојба: да лишува од слобода, да приведува, да влегува во туѓ дом, да врши претрес на лица, багаж итн.



Ова ја испровоцира професорката по уставно право Тања Каракамишева да праша дали Македонија е во вонредна или во воена состојба, иако одговорот е познат по неодамнешната одлука на претседателот Стево Пендаровски за нови 30 дена вонредна состојба.

„Ова е тешка злоупотреба на Армијата за политички цели“, обвини Каракамишева на Твитер.

„Воена состојба се прогласува кога постои непосредна воена опасност од напад врз Македонија, кога државата е нападната или ѝ е објавена војна од друга држава. Тоа е сосема друга состојба од вонредната“, објаснува таа.