„Визионерот“ од СДСМ Богоев нуди „ЕУ-македонизација“, по бугарски „рецепт“! – „Гледаат пред времето“, ама не и Македонци во сегашноста!


„Пред нас се две опции, или два концепта: концепт на македонизација (европеизација), за кој ние од СДСМ се залагаме, и концепт на бугаризација (изолација), во кои сакаат да нѐ втурнат политичките пиромани.“ – вели потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев во својата колумна со наслов „Европеизација е македонизација “, која ја објави информативниот портал „Либертас“. Во неа Богоев се прикажува себеси и неговите сопартијци како „визионери кои гледаат пред времето“, додека ВМРО ДПМНЕ ја прикажува како „подметнувач на политички пожари“, бидејќи не го прифаќа „европско-македонскиот концепт“ и пат кон „иднината“, кој, сепак, би морал да води преку Софија, според „евровизионерите“, а никако преку Скопје!



Покрај другото, Богоев пишува: „Концептот на македонизација е идеја и план како тука во нашата Македонија да изградиме здрави институции и подобар живот. Со гласање на уставните измени ги отвораме поглавјата од преговорите со ЕУ. Тоа значи отварање и на фондови, или стотици милиони евра за нова механизација за земјоделците, темелни реформи во судовите и обвинителствата, инвестиции во модернизација на болниците, патиштата, училиштата и градинките. Овој концепт значи и повисоки плати, пензии и животен стандард.“

„Концептот на бугаризација и изолација се залага за сосема спротивното. ДПМНЕ и Левица сакаат повторно да сме изолирани од светот како што бевме 11 години во време на режимот на Груевски. Тоа е концепт во кој чувствувате лажна гордост и патриотизам, а фрижидерот ви е празен. Во таков концепт на изолација политичките пиромани лесно и со малку пари купуваат гласови и владеат.“

„Судовите се поклопени, медиумите замолчени, а платите и пензиите мизерни. Сето тоа во очај тера наши сограѓани да одат во Бугарија, да потпишуваат дека имаат бугарски корени и чувства, за да извадат бугарски пасош. Оттука, концептот на изолација е концепт на бугаризација. Веќе сте го виделе, но ДПМНЕ и Левица пак го нудат.“

„Сега сме повторно пред избор. Пратениците во име на граѓаните се должни да одберат за кој концепт се. Јас сум за концептот на македонизација и европеизација. Пратениците ја имаат историската шанса да бидат визионери, да бидат луѓе што гледаат пред времето и уште сега, покрај сите напади од политичките пиромани, да изберат концепт за македонизација и европеизација. За сите минати, сегашни и идни генерации.“

„Ако се вратиме низ времето, во Македонија имало луѓе, кои своевремено се залагале за решавање на спорот за името со Грција. Националистите и тогаш ги обвинувале за предавници, иако времето го докажало сосема спротивното. Тоа се визионери, луѓе што гледаат пред времето и врз база на тоа ја избираат најдобрата опција во сегашноста.“

„Оние што гледаат пред времето, во иднината“ се, всушност, целосно слепи за сегашноста, во која не можат да ги видат, или воопшто не сакаат да ги видат 80-те проценти на македонскиот народ, кои најпрвин претпочитаат македонизација и потоа можеби европеизација, ама според македонски, а никако не според бугарски „рецепт“ и диктат!