Високопозиционираните членови на влијателната „Огнена група“ во ДУИ против влезот на АА во Владата: сега и Беџети, по Меџити

„Во овој момент нема апсолутно никаква потреба Алијансата за Албанците да биде дел од Владата“ – нагласи организацискиот секретар на ДУИ и градоначалник на општина Сарај Блерим Беџети вчера во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ 21, кој. сепак, ја критикуваше Владата, особено вицепремиерот Артан Груби и другите министри на ДУИ дека „повеќе се фалат, отколку што работат“.

ТВ 21 ги пренесува ставовите на Беџети: „Апсолутно нема потреба Алијансата за Албанците да биде дел од Владата. Влезот на оваа партија во Владата не е потребен, сега не е политичкиот момент за тоа. Тие изгубија на избори и зошто тогаш би биле дел од Владата? Ако мисли некој дека е потребно Алијансата да биде дел од Владата, поради уставните измени, сметам дека сите албански партии ќе гласаат за уставните измени. Не знам дали Али Ахмети преговара со Алијансата за Албанците. Не е добро за демократијата да се случи тоа.“



„Сепак, Блерим Беџети, инаку поранешен министер за правда, повторно упати сериозни критики кон министрите на ДУИ во Владата, посочувајќи дека недоволно работат за реализација на програмата на ДУИ. Тој истакнува дека првиот вицепремиер Артан груби, како што се фали за реализираните проекти, така треба и да преземе одговорност и за неспроведените проекти. ‘Оваа Влада повеќе се фали отколку што работи. Потребно е повеќе да се насочат кон реалиација на проекти за доброто на граѓаните. Затоа ние го кренавме гласот, сакаме да вршиме притисок кон Владата, а да се остваруваат проектите, затоа што се ближат избори, а на избори поради нереализирани проекти граѓаните  може и да не гласаат за вас.“

Само пред три дена влијателниот потпретседател на ДУИ Изет Меџити во интервју за весникот на албански јазик „Лајм“ се спротивстави на можното влегување на партијата на Арбен Таравари во Владата, предупредувајќи: „Нашата реакција е принципиелна. Во овој момент, во оваа ситуација, во овие околности оценуваме дека нема простор за вклучување на Алијансата за Албанците во Владата. Не дека не е можно, тие можат да влеат, но тоа може непотребно да направи дестабилизација во ДУИ, во Алтернатива, во СДСМ. Владата е стабилна, порано имаше 62 пратеници, а сега 64 и нема никаква пречка да функционира и натаму. Влезот на Алијансата за Албанците во ниеден момент не е поврзан со стратегиски причини, стратегиски одлуки, или со интегративни процеси, бидејќи сме далеку од бројот 81 за уставните измени. Не гледам ниедна стратегиска причина, ниту моментум за влез на Алијансата во Владата. Тоа би имало ефект директно врз слабеењето на албанската опозиција.“

Очигледно е дека партиски високопозиционираните членови на влијателната струја во ДУИ, која во изминатата година и во овие месеци настапуваше како така наречена „Огнена група“, се спротивставуваат на влезот на Алијансата за Албанците во кабинетот на премиерот Ковачевски. По најновите ставови на Блерим Беџети и Изет Меџити останува да се види како ќе постапи лидерот на ДУИ Али Ахмети.