Договорот потпишан помеѓу Анкара и Брисел во март 2016 година постигнат со цел да се спречи трговијата со луѓе преку Егејското Море и да се намали притисокот од мигранти кон Европа виси откако неколку членки на ЕУ одбиваат да платат за договореното со Турција и инсистираат следната транша од 3 милијарди евра за помош на мигрантите во Турција да биде платена од заедничката европска каса.



Според германскиот весник „Шпигел„, официјални претставници од Германија, Франција, Австрија, Шведска, Данска и Финска изразија противење да вложат дополнителни средства.

Пред десетина дена, турскиот претседател Тајип Реџеп Ердоган соопшти дека Анкара добила само 850 милиони евра од договорената прва транша од средствата што ги ветила ЕУ за да им помогне на околу 3,5 милиони сиријски бегалци кои се наоѓаат во бегалски кампови на нејзина територија, согласно спогодбата со ЕУ од пред две години со која е спречен бегалскиот бран кон Европа.

Уште 3 милијарди евра требало да бидат одобрени во март, напиша Ројтерс.

Турскиот претседател неколку пати се закани дека може да ги отвори границите и на еЕвропа даѝ и се случи ново бегалски цунами.

Потенцијалниот колапс на договорот ќе биде голем удар за Грција, која во 2016 година се бори со товарот на стотици илјади бегалци кои сакаат да патуваат во Европа, пишува „Катимерини“.

Договорот ЕУ-Турција постигнат на 19 март 2016 имаше за цел Турција да го спречи шверцот со мигранти од нејзина територија кон грчките острови, а илегалните мигрантите кои ќе пристигнат на грчките острови, да бидат враќани во Турција. Исто така Турција ќе треба да го отвори својот пазар на труд за 2,8 милиони багалците кои се наоѓаат на нејзина територија.

Унијата, пак, за секој вратен сириски бегалец од грчките острови во Турција, се обврза да прими еден сириски бегалец кој во моментот се наоѓа на турска територија.

Со тој договор се предвидуваше и распределба на 72.000 бегалци во земјите на Унијата, но и итно создавање на функционален систем за азил во Грција.

На Турција, за возврат, ѝ беа ветени три милијарди евра до крајот на март и уште три милијарди до 2018 година, визна либерализација за нејзините граѓани ,отворање на поглавјето 33 од пристапните преговори до јули, како и забрзување на подготовки за отворање на нови поглавја за асоцирање со ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по остигнување на договорот соопшти дека западнобалканската мигрантска рута останува затворена.