Викторија Маринова трет убиен новинар во ЕУ за една година

Продолжува истрагата по суровото убиство на 30 годишната бугарска новинарка во градот Русе, а светските медиуми забележуваат дека Викторија Маринова е третиот новинар убиен во земјите на ЕУ во последната година дена: Каруана Галиција беше убиена во автомобил-бомба во октомври во Малта, а новинарот Јан Куцијак беше убиен во Словачка во февруари годинава.



Бугарија е рангирана на 111 од 180 земји во Светскиот индекс за слободата на печатот на „Репортери без граници“ многу пониско од која било друга членка на ЕУ.

Телото на новинарката  беше пронајдено вчера. Викторија Маринова била брутално претепана и силувана, а потоа и задавена.

Бугарски медиуми пишуваат дека властите работат на сите верзии за да се открие мотивот и извршителот на убиството. . Не се исклучува убиството на Викторија Маринова да е поврзано со нејзината работа.

Во моментов, сепак, сè уште нема приведени и осомничени за злосторството.

Маринова работела како водител и административен директор на „Русе ТВ“.

Во една од емисиите на телевизијата, Викторија Маринова го поставила прашањето за корупција и злоупотреба на фондовите на ЕУ.

Во моментов нема доволно докази за да потврдат дека дело е извршено поради епизоди на емисијата, но верзијата не се исклучува.