Виена се нуди за посредник во спорот Софија-Скопје

„Без оглед кога и да се случи формирањето на новата влада во Бугарија, двете страни не треба да губат време и треба да преземат конкретни чекори за меѓусебно приближување со цел да се ослободи патот за почеток на пристапните преговори на с. Македонија со ЕУ што е можно побрзо.



Охрабрен сум од фактот дека партиите со нагласена националистичка агенда не беа наградени од страна на бугарските гласачи, вели во интервју за МИА шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.

„Ќе видиме како и кога ќе може да се формира нова влада во Бугарија. Кога и да се случи, двете страни не треба да губат време и треба да преземат конкретни чекори за меѓусебно приближување со цел да се ослободи патот за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ што е можно побрзо“, вели Шаленберг на прашањето колку се реални очекувањата да ги започнеме преговорите со ЕУ за време на португалското претседателство.
Според него, важно е да се најде решение на билатерално ниво помеѓу Бугарија и Северна Македонија без да се воведуваат овие прашања во процесот на проширување, а дали е потребно посредништво од трета страна, тоа вели, двете земји самите треба да го просудат.

„Доколку дојдат до таков заклучок, Австрија е секогаш подготвена да ги понуди своите капацитети“, посочува Шаленберг.