Вие сте криви – Кога најдуховитите ќе станат сериозни

Еден од најдуховитите ликови на Фејсбук Иљче Затаракоски кој беше аргументиран критичар на режимот на Груевски со сериозна анализа на изборниот дебакл на власта.



“Криви биле тие што апстинирале и така покажале дека сакаат да се врати груевизмот.

Така, а? А не го враќате вие груевизмот со тоа што му дозволивте на Груевски да избега?
Не го враќате со баснословните суми на Мира Дизел и нејзе слични што лапаат патни трошоци за еден месец, колку што обичен работник зема за една година?

Не е груевизам тоа што сите функционери си ги вработија децата на убави работни места, со огромни плати?

Или тоа што им отворија фирми за да можат да го молзат Фондот за иновации?

Не е враќање на груевизмот тоа што уште ја полните администрацијата со полтрони, а крекавте дека ќе расчистите со сите што седат дома и земаат плата?

Не е враќање на груевизмот тоа што едни локални шерифи ги заменивте со други кои сега во ваше име палат и жарат низ земјава?
И каде се денес сите тие соработници на Груевски кои го воспоставија груевизмот? Протуѓер каде е? Ставрески каде е? Осум милијарди евра што ќе се вратеа во буџетот каде се? Бомбите каде се?

Затоа не туку барајте кривец во другите, пошо ако некој е крив заради тоа што вративте во живот политички мртовец, тоа сте вие!”, пишува Затаракоски кој е познат по своите духовити статуси во кои ги критикува сите партии и политичари.