Во контекст на актуелните разговори за прашањето за разликата за името меѓу Македонија и Грција интересни согледувања нуди напис во грчкиот весник „Неос космос“ што излегува во Мелбурн.



Иако авторот си дозволува сопствени толкувања на необјаснивото за него користење на термините „Македонец“ и „македонски јазик“ од видни грчки интелектуалци уште во 19 век, примерите што ги наведува фрлаат нова светлина, па интригантниот текст насловен „Промена на дефиницијата“ го пренесуваме во целост:

„Пред неколку години го препрочитував класичниот антивоен роман ‘Живот во гробот’ на Стратис Миривилис, ужасен приказ на животот во рововите на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна, првпат објавен во 1924 година. Одеднаш застанав. Во сцена во која е опишано како дошол во контакт со словенско семејство, авторот ја опишува жената како ‘Македонка’, односно македонска жена. Во друг пасус авторот продолжува да забележува дека ‘Словените од регионот во кој се нашол не сакаат да бидат ни Бугари, ни Срби, ни Грци. Само православни Македонци’. Во подоцнежните изданија Миривилис, кој доаѓа од островот Лезбос, ја отстранил оваа спорна реченица, но ја оставил референцата ‘Македонка’.

Бев замелушен. Стануваше збор за никој друг туку Стратис Миривилис, трикратен кандидат за Нобеловата награда за литература и жесток антикомунист, во роман што го промовира како мајстор на грчката проза, а делото самото по себе претставува пресвртна точка во развојот на модерната грчка прозна фантастика, опишувајќи ги Словените како Македонци во време кога, според огромното мнозинство, таканаречениот ‘македонски етнички идентитет’ не бил ниту измислен ниту артикулиран. Понатаму, неговата дополнително избришана опсервација се чини дека го потврдува фактот оти, и покрај спротивните грчки и бугарски тврдења, во некои делови од словенското население во регионот, барем за време на Првата светска војна, периодот што Миривилис го опишува, постои некакво убедување дека имаат ‘македонски идентитет’, без оглед дали ова е историски веродостојно. Бев длабоко вознемирен.

Моето чувство на таинственост се зголеми по откривањето во влијателната книга ‘Крвта на мачениците и на хероите’ на Јон Драгумис, објавена во 1907 година, дијалог меѓу грчки и бугарски затвореник во Солун, во кој се спомнува македонски јазик. Во дијалогот грчкиот протагонист продолжува да негира дека јазикот е бугарски, изјавувајќи: ‘Сакате да го направите регионот на Битола и битолско ваш, бидејќи таму има неколку села што го говорат македонскиот јазик, кој вие го нарекувате бугарски’. Зачудувачки, Јон Драгумис продолжува да го цитира грчкиот затвореник: ‘Прво, тој јазик не го зборуваат сите, туку само некои Македонци, селани. Понатаму, оние кои го користат, го зборуваат само дома, а не на пазар, каде што се користи грчкиот јазик и, конечно, овој јазик не е бугарски, туку мешавина од словенски и грчки јазик. Не е бугарски’.

Во еден дел Јон Драгумис се чини дека не само што не се согласува со модерното грчко тврдење дека јазикот на ПЈРМ е бугарски, туку е цврсто решен да докаже дека тој нема никаква врска со бугарскиот. Ова е значајно бидејќи Јон Драгумис беше еден од главните поттикнувачи на македонската борба и со право може да се аргументира дека, ако не беше тој, Македонија воопшто немаше да биде ослободена и вклучена во модерната грчка држава.

Навистина, неговата книга ‘Крв на мачениците и на хероите’, која ги содржи гореспоменатите пасуси, беше напишана од Драгумис за премолчено да го припои регионот во Грција. Каква можна причина би можел да има овој ултра патриотски националистички грчки херој да ја унапреди позицијата која, ако се пропагира денес, би го означила како предавник и комунист дури и од умерени современи грчки патриоти?

Во нејзината детска книга од 1937 година за македонската борба ‘Мистерии на мочуриштето’, Пенелопе Делта го нарекува словенскиот идиом ‘македонски дијалект’. На друго место, таа вели: ‘Македонија тогаш беше конгломерат на сите балкански етнички групи: Грци, Бугари, Романци, Срби, Албанци, Христијани и Муслимани (‘Македонија тогаш беше конгломерат на сите балкански етнички групи: Грци, Бугари, Романци, Срби, Албанци, Христијани и Муслимани, кои живееле под тешкиот турски јарем. Нивниот јазик беше ист, македонски, конгломерат на словенски и на грчки, помешан со турски зборови’).

Независно од фактот што Пенелопе Делта беше љубовница на Јон Драгумис, веројатно една од најмоќните и најтрагични љубовни афери на раната модерна Грција, Делта, како и Драгумис, беше силен поддржувач на потребата за ослободување и анектирање на Македонија на грчката држава.

Тогаш, како е можно, дека таа ја унапреди позицијата за јазикот на регионот што се чини дека го побива често цитираното грчко тврдење оти не постои такво нешто како македонски јазик и дека концептот бил измислен од страна на Тито во 1944 година, кога и Делта и Драгумис не биле живи тогаш?

Освен тоа, уште во 1858 година во весникот ‘Зора’ интелектуалецот Александар Рангавис терал шега со бугарскиот гркофил и докажан поет на грчки јазик Григор Прличев, познат и како Григориос Ставридис, за пишувањето песна во знак на протест поради непочитувањето покажано од руски гостин во грчка црква. Рангавис изјави дека со оглед на тоа што Прличев, добитник на престижната поетска награда на Академијата на Атина и славен како ‘втор Хомер’ е ‘Македонец’ (роден во Охрид), тој треба да им биде благодарен на Русите. Самиот Прличев се идентификува како Бугарин. Зошто Рангавис би го нарекувал него Македонец, речиси еден век пред постоењето на концептот на ваков етнички идентитет?

Од горенаведените примери можеме да видиме дека дури и кај Грците националисти постои недоследност во употребата на термините за опишување на Словените во регионот и/или на нивниот јазик.

Во примерот со Рангавис терминот македонски се користи злонамерно. Тој се обидува да ја оспори приврзаноста на Прличев кон Грција, нагласувајќи ги неговите словенски корени, кои наводно го прават близок на Русите што тој така ги изневерува.

Меѓутоа, нема докази дека Рангавис го користи терминот во етничка смисла. Тој е само исклучително гаден и глупав.

Дури и во случаите на Драгумис и na Делта, нивните размислувања за ‘македонскиот јазик’ не мора да се сметаат како поддршка на јазичните аспирации на современите жители на ПЈРМ. Ниту еден од нив не бил лингвист. Наместо тоа, нивните опсеравции се длабоко политички.

Во врска со бугарските присвојувања на регионот и на непобитниот факт дека таму се зборува словенски идиом, и Драгумис и Делта сакаат да го диференцираат тој идиом од бугарскиот колку што е можно повеќе, нагласувајќи го неговиот хибриден квалитет (обајцата тврдат дека тој е конгломерат) и неговиот регионален квалитет, поради што Драгумис и Делта го опишуваат како ‘македонски’. Ниту еден од нив не признаваат ‘македонски’ етнички идентитет.

Дијалогот на Драгумис во неговата книга потоа умно продолжува да наведува дека јазикот не е одредница на етничкиот идентитет, бидејќи неговиот грчки протагонист тврди: ‘Тие сакаат или не сакаат да бидат Грци? И бидејќи тие го прават тоа, не знам дали јазикот што го зборуваат претставува соодветен доказ за етничкиот идентитет на луѓето’).

Со други зборови, во периодот пред да се зборува за некаков ‘македонски идентитет’ Драгумис се обидел да го диференцира регионалниот јазик од бугарските националистички аспирации преку регионално ребрендирање, на начин кој би бил сосема надвор од контекст денес. Потоа продолжува да го унапредува тврдењето дека Словените кои го зборуваат идиомот што тој го нарекува македонски e расипан грчки, поради што лингвистичките размислувања, според него, не се важни при проценката на етничкиот идентитет.

Што се однесува до опсервацијата на Миривилис дека личностите што ги среќавал се идентификувале како ‘православни Македонци’, претставува ли тоа доказ за појава на таков идентитет многу порано отколку што тоа е прифатено од Грците? Или тоа само ја докажува реакцијата на луѓе фатени меѓу натпреварувачки националистички претензии и не сакаат да прифатат ниедна? Теорија што ја разгледува историчарот Нада Бошковска во својата книга ‘Македонија [sic] пред Тито’. Фактот дека таа опсервација беше отстранета во подоцнежните изданија, кога македонското прашање се развиваше поинаку, најверојатно сугерира дека и тој само се обидува да направи разлика меѓу тие што зборуваат словенски јазик од Бугарите, за да ги ‘придобие кон хеленизмот’ на начин кој ќе биде неприфатлив за современата грчка позиција за македонското прашање.

На крајот на краиштата, само затоа што луѓето за кои Миривилис пишува дека се чувствуваат ‘Македонци’, не значи дека тие во суштина се тоа.

Конечно, термините што ги користиме ги одразуваат политичките потреби и контекстот на времето. Нивните значења и конотации се менуваат со текот на времето на начин на кој нивните оригинални корисници немаат контрола и, ако се извадат од нивната историска референтна рамка, може да доведат до недоразбирања и заблуди. Доколку сега живееле, најверојатно, гореспоменатите автори, би ги избегнале тие спорни термини.

Сепак, начинот на кој ги употребиле во своето пишување сведочат за круцијалните промени во преговорите за идентитетот, во географскиот регион на Македонија, пред појавата на македонското прашање во најсовремена форма“.