Вицепремиерот Маричиќ обвинет дека лаже за ,,отворениот пат” кон ЕУ

Социјалистичката партија на Македонија изјавата на вицепремиерот Маричиќ за отворениот пат на кој ,,само ќе ги спроведуваме обврските” ја оценува најмалку за несмасна и неодговорна. Едноставно зачудувачка е несериозноста на членовите на, по многу што, делегитимираната Влада, се вели во реакцијата од СП.



,,Очигледно е дека Маричиќ ја потценува опозицијата, дотолку повеќе што воопшто не ги ни зема предвид нејзините ставови и барања, подеднакво и на граѓаните кои се на линија на заштита на државните интереси на Македонија.

Според Маричиќ следи дека патот кон ЕУ за него е отворен што не е точно. Изјавата е лажење на народот со оглед дека патот не само што не е отворен туку е значително условен. Може да се отвори процесот ако се прифатат бугарските неразумни барања што е непримерно за денешно време”, пишува СП.

Според СП условот за промена на македонскиот Устав и другите идентитетски прашања, кои тој ги нарекува „наши обврски“, се најсложени барања што и се поставуваат на Македонија.

,,Затоа што се бара таа да се самоуништи и да се обезличи заради ескалацијата на бугарската освојувачка политика и нејзиниот санстефански фашизоиден сон.

Опозицијата со право не го прифаќа срамниот ЕУ бугаризиран предлог и затоа бара промени со кои ќе се понесе одговорност од министрите кои како Маричиќ лажат и ја потценуваат опозицијата и интелигенцијата на народот.

Народната воља за Маричиќ, но и за сите во ненародната Влада, е непостоечка, тој ги навредува сите и пратениците и граѓаните кои масовно се противат токму на исполнувањето на тие „обврски“ кои се понижувачки за секого освен за него, СДС и ДУИ.

Социјалистичката партија на Македонија цени дека овие партии и самиот Маричиќ допрва ќе се соочуваат со народниот отпор кој се омасовува и не запира.

Македонските социјалисти заедно со народот ги осудуваат неумерените и навредливи изјави кои и нанесуваат штета на угледот на државата. Предавниците мора да си одат и да одговараат за велепредавство”, се вели во реакцијата.