Вицепремиерот број 1 на историска средба со партиски колега и владин функционер

Самонаречениот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби го примил државниот секретар во Министерството за култура на Република Македонија, Валмир Азири.



Со тоа Груби остварил историска средба затоа што досега ниту еден друг вицепремиер или министер во Европа не се пофалил дека се сретнал со член на сопствената партија и владин функционер за да разговараат за државни работи.

Речиси секогаш вицепремиерите и министрите од другите земји ја информираат јавноста за средби со други функционери од странство а не за свои владини и партиски функционери кои им се потчинети.

Според информациите за историската средба на состанокот меѓу двајцата партиски и владини колеги се разговарало за културата во време на пандемија, за капитални проекти во културата и за потребите на албанските уметници во тешкиот период.

Исто така, на состанокот се дискутирало и за организациите во врска со двата големи албански празници, 22 ноември – Ден на албанската азбука и 28 ноември – Ден на знамето.