Премиерот Димитар Ковачевски го понуди амбасадорот во Обединетите нации, Љубомир Фрчкоски, за посредник меѓу Србија и Косово, повикувајќи се на неговиот удел во креирањето на Рамковниот договор по воениот судир меѓу македонските безбедносни сили и терористичката ОНА во 2001 година!
„Ние сме шампиони на Балканот за мирно решавање на спорови, може да го прашате и нашиот амбасадор во ООН, кој е тука во публиката. Тој учествуваше во правењето на мировното решение пред 20 години кога имавме конфликт“, одговори Ковачевски на прашањето како ќе се реши проблемот со Косово.
Фрчкоски, некогашен министер за внатрешни работи, а потоа и шеф на дипломатијата, беше именуван за амбасадор во ОН од претседателот Стево Пендаровски без да биде претставен и да го „брани“ својот иден ангажман во Њујорк пред собраниската Комисија за надворешни работи, според член 39 од Законот.
„Досега е невиден преседан и првпат во македонската дипломатска историја за амбасадор во Обединетите нации да се испраќа личност која што била одбиена од официјален Вашингтон како непожелен дипломат да биде амбасадор во Америка“, обвини тогаш претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски.






