Спротивно на хорот од официјална Софија што инсистира на непопустливост кон Македонија, историчарот Димитар Атанасов од Бугарската академија на науките (БАН) бара ветото за почеток на преговори на југозападниот сосед со Европската унија што побрзо да се крене.
„Ветото за Република Северна Македонија треба што поскоро да се крене, но не туку-така. Има услови што треба да се исполнат. Тие услови, меѓутоа, не се поврзани со тоа македонската страна да стои и да запишува на колено белешки како што вечно прави Бугарија. Напротив, тоа се услови што треба да бидат исполнети од двете страни. Клишеата и негативните стереотипи што се создадени со текот на годините бараат долгорочни напори за да се надминат. Во оваа фаза има многу малку играчи кои ги гледаме подготвени за ваков потег, односно трговците со национализам, со бугарски пасоши, не би сакале да ја загубат својата златна кокошка“, изјави Атанасов за Бугарското национално радио (БНР).
Според него, македонскиот Устав не треба да се менува, а обидите за мешање во тоа се форма на насилство.





