Ова е ненормална работа. Ова е лудило. Не знам зошто сите не излегуваат на улица. Треба цела Македонија да се дигне на нозе. Се обидувам да сум разумна, да не сум патетична, да ги разберам некако зошто би преговарале кога и вака и онака нема да влеземе во ЕУ во следните 10-15 години. Не сакам да ме нарекуваат Северна Македонка. Макрон, јас сум Македонка. Ако не разбираш ќе ти преведеме – рече актерката Весна Петрушевска на вечерашниот протест во Скопје против францускиот предлог.
Актерката повика народот да се обедини околу ова „Не“ и дека секој културен работник треба да чувствува одговорност да излезе на протест.
– Како ќе ја чуваме македонската култура? Ние тука што сме, сме виновни за тоа што дојдовме до ова дереџе. Не сакаме насилство и не потклекуваме на провокации. Со достоинството и чест се раѓате. Секој ден на протест сѐ додека ја срушиме оваа влада – повика Петрушевска.
– Тука сум да ви кажам дека за македонскиот јазик не се преговара. Македонија е тврдина која мора да ја одбраниме. Како сакате да ни го смените идентитетот, да нѐ асимилирате, како да се вика мојот театар ако не Македонски народен театар? Никој не го победил народот, никој не може против народот. Не сакам да преговарам за нешто што е само мое – рече таа.
Протестниот марш што вечерва почна пред Владата, помина мирно. Учесниците стигнаа пред Министерството за правда каде ги поставија транспарентите „Ова е Устав“, „Ова е тоалетна хартија“, „Ова се лисици“ и „Ова е Јустиција, знаете што следи“, а потоа продолжија кон Собранието.





