Верушевски негира дека изнесувал прислушкувани разговори од УБК

Ексразузнавачот Зоран Верушевски, денеска негираше неговата било каква поврзаност во преземањето на прислушкуваните разговори (бомбите) од УБК и рече дека не нему, туку бомбите Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски ги давале во СДСМ, а тој само ги обработувал.



„Не обезбедував јас никакви разговори, или други документи. Сѐ што се слеваше како документација во партијата, беше моја обврска, за лидерството да гради политичка стратегија“, тврдеше Верушевски, четвртиот сведок во „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување.

Верушевски кажа дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека добил чувствителни информации со кои постапувал.

„До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност“, се огради Верушевски.

„Документацијата беше цело време во партијата и со неа управуваше претседателот на партијата“, додаде ексразузнавачот.

(СДК)