Венецијанската комисија не ги прифатила поплаките од македонските власти на прелиминарниот извештај за законот за јазиците промовиран во септември и денеска одлучила да го преточи во финално правно мислење кое Македонија мора да го спроведе.
Во своето мислење усвоено денеска Венецијанската комисија ја повикува Македонија повторно да го разгледа Законот за јазици и да ги отстрани членовите за двојазичност во судските постапки. Ова македонските власти треба да го сторат преку консултации со сите засегнати страни.
Правните експерти на Советот на Европа потенцираат дека во споредба со законот од 2008 година новиот закон значително ја зголемува употребата на албанскиот јазик и на повеќе начини оди подалеку од европските стандарди поставени од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.
Венецијанската комисија ја поздравува волјата на властите да ја подобрат јазичната состојба во заедниците но смета дека во одредени области новиот закон оди многу подалеку со наметнување обврски кои можат да се покажат како нереални за јавните институции.
Ова особено се однесува на употребата на Албанскиот јазик во судските постапки дополнето со тешки санкции во случај со непостапување со законот и можност за промена на судски одлуки доколку нема соодветен превод за време на постапките.
Според мислењето на комисијата овој пристап може значително да го забави функционирањето на судскиот систем, со што се ризикува сериозно прекршување на правото на слободно судење гарантирано со Европската конвенција за човекови права.
Комисијата забележува дека законот за јазици содржи нејаснотии во смисла на тој кои членови се однесувуваат само на албанскиот а кои на другите јазици на заедниците.
Венецијанската комисија препорачува да се повлечат членовите кои се однесуваат на билингвилизам во судските постапки, исто така препорачува обврската за употреба на албанскиот јазик во внатрешна и интеинституционална комуникација меѓу државни службеници да се одложи се додека нема реална можност за соодветна имплементација.
Во врска со казните Венецијанската комисија бара да се одложат мерките за казнување , да се намалат казните и да се воведе принцип на пропорционалност за сите во земјата.
Во исто време комисијата од владата во Скопје бара да спроведе анализа на спроведувањето на законот за јазици од 2009 и анализа на буџетските и кадровски последици нод новиот закон.





