Велс го пополни последното достапно место за Светското фудбалско првенство во Катар 2022 победувајќи ја Украина со 1:0 во финалето од баражот во Кардиф.



Поранешниот играч на Реал Мадрид, Герет Бејл, повторно беше херој за својата земја, со неговиот слободен удар по кој Андреј Јармоленко постигна автогол со глава во 34. минута.

Според многумина, Украинците беа подобри во текот на 90. минути, но не ги искористија своите шанси благодарејќи и на велшкиот голман Вејн Хенеси, кој ѝ помогна на својата земја да го избори својот прв настап на Светско првенство по 64 години.

Велс ќе биде дел од групата Б и ќе игра против Иран, Соединетите Американски Држави и британскиот ривал Англија, со која се соочи и на ЕП 2016 на својот импресивен пат до полуфиналето.