Велков: Квазимакедонскиот режим во служба на великобугарскиот шовинизам и антимакедонизам

Граѓанскиот активист и новинар Крум Велков со реакција на најавата на мерките за безбедност за роденденот на Гоце Делчев и обезбедувањето на гостите од Бугарија.



Велков кој во последно време е познат како борец против ,, Рудниците на смртта” во Струмичко смета дека антимакедонската власт на СДСМ и ДУИ сака да ги спречи Македонците да го слават својот национален апостол.

,,Гледаме дека режимот сака да ги заплаши и одврати Македонците да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев. Тоа се прави наводно за да се обезбеделе некакви “гости” од Бугарија, чие присуство е чиста провокација, недвосмислено негирање на македонската самобитност и дрзок обид за присвојување на Делчев.

Квазимакедонскиот режим така се става во служба на великобугарскиот шовинизам и антимакедонизам. Под изговор за безбедност, се спроведува еклатантен денационализаторски чин. Во време кога на дело е специјална операција против Македонија, спроведена со серија очигледно пресметани провокации и инциденти од страна на бугарски политичари/агенти (не граѓани), квазимакедонската власт требаше целосно да обесхрабри било какво присуство на провокаторите и негаторите.

Наместо тоа, режимот се обидува да ги спречи Македонците на 4-ти да бидат со Гоце. Мене тоа не ми личи на “деескалација”. Тоа само го продлабочува конфликтот. Не може да има помирување додека постои негирање, разбирате? Не може додека негирањето е официјална бугарска политика. Одговорот македонски, затоа, мора да биде масовно присуство, без оглед на тоа кој повикува, кој не повикува или кој провоцира. Масовно”, е ставот на Велков кој објавува фотографија на мајката на апостолот на македонската револуционерна борба Султана Делчева.