Толку години ме напаѓаат мене и семејството, кроеа секакви приказни и на крај од устата на обвинителката, доживеав да биде демантирано ова, вели Трајко Вељаноски, поранешниот претседател на Собранието, во изјава за Плусинфо.



На денешното рочиште во судскиот предмет „Монструм“ обвинителката Фатиме Фетаи повикуваќи се на докази за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро рече дека треба да се отфрлат сите шпекулации дека жртвите наводно се познавале со синот и со ќерката на поранешниот собраниски спикер.

„За жал, ова е македонската политика. Лузните остануваат, а на тие што ја измислија приказната, нека им служи на чест“ – вели Вељаноски.

Обвинителката Фетаи во своите завршни зборови рече дека најпрво мора да се побијат сите теории кои ги наметнувала одбраната, и дека четирите момчиња и рибарот се убиени кај Смиљковското Езеро, а не на друго место.