Боро Велигденов, синдикалниот лидер на АД „Пошта“, во емисијата „Утринска на Телма“ рече дека Синдикатот не е запознаен дека поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, постигнал договор со консултанти за физибилити студија за можна приватизација на оваа компанија или нејзино трансформирање во јавно-приватно партнерство.
– Немаме информации ниту знаеме за што станува збор. Ниту сме добиле некаква информација за физибилити студија, ниту не информирал работодавачот. За жал, не знаеме за што станува збор и не сме биле вклучени во тоа како синдикат и вработени, иако би требало да знаеме, рече претседателот на Синдикатот на националната пошта.
Велигденов потврди дека в четврток во 08.00 часот започнува штрајкот на вработените во АД „Пошта“ и смета дека ова претпријатие не треба да биде приватизирано од Владата.
– Со нашите капацитети и потенцијал што го имаме со над 330 поштенски единции, можеме сами да функционираме како компанија и да бидеме меѓу првите 10 во Македонија, но за тоа треба да направиме внатрешни реформи со Владата, смета тој.
Додаде дека голем број од вработените добиваат плата од само 17.000 денари и му порача на раководството дека повеќе не е потребно вработување само на административци.
– Ќе ги изврпшуваме оние услуги од поштенскиот дел како судски препорачани пратки, пратки за прекршоци и пратки за одбрана и безбедност. Сите останати видови на услуги ќе бидат во мирување. Поштенските единици ќе бидат отворени за извршување на услугите на физичките и правни лица. Над 90 отсто од вработените го поддржуваат штрајкот. Има и притисоци и се пласира метод на демотивација дека нема да се пкаќа дневница за деновите на штрајк, изјави Велигденов.
Штрајкувачите бараат линеарно зголемување на платите од 3.000 денари, изготвување нова систематизација и реорганизација на работењето, обезбедување средства и услови за работа и нова реонизација која не е изготвена со години.
– Тоа е се со цел да бидеме поефикасни и попродуктивни за да се доближиме до граѓаните и професионално да ги извршуваме задачите. Немаме ништо против работодавачот, но самиот притисок што го направи инфлацијата со нашпите мали плати се доведовме до ситуација да не можеме да обезбедиме пристоен живот за нашите семејства, рече Велигденов.





