Величковски: Кој владее навистина во Македонија и кој ја разнебитува? Кој брише варварски сè што е македонско?

„Кој ја разнебитува земјата? Кој брише своеволно варварски сè што е македонско?“ – прашува универзитетскиот професор Владимир Величковски, сликар и историчар на уметноста, во својата колумна со наслов „Кој владее тука реално и кој ја разнебитува земјата?, која ја објави весникот „Скопско  ехо“.



Покрај другото, Величковски пишува: Обичниот човек, замислен и загрижен, е немоќен пред самоволието и пустошењето на партиите, кои не мислат на народот. Нема државна институција која не е подложна од уривачките сили на корупцијата, почнувајќи од образованието, центрите за социјална работа, обвинителството и судовите… Од главата смрди. Имаме големи, речиси нерешливи зла: партиска пренатрупаност и превработеност со нестручни лица во сите можни институции, кои автоматски станаа нефункционални. Токму од нив партиите го создаваат своето гласачко тело за да останат на власт.

Од партизираните медиуми не може повеќе да се разликува автентична проверена информација од дезинформациите: не може да не зачуди ни информацијата дека власта ќе увезува опрема за коцкарници. Во првиот собраниски состав „пукна“ предлог за отворање јавна куќа! Па токму тоа му затребало на еден крајно осиромашен народ! На што мислат кога ќе речат дека само кај одбрани луѓе во овој напатен народ живее „здравиот патриотски дух“? Порано грижливо ја учевме националната историја и како се сака татковината, а денес завладеа општа збрка.

Со европско знаменце (критикувано и од ЕУ) се донесуваат брзи, но важни закони. Тоа се однесува на измените на кривичниот закон, а од министерот за правда се предлага нов закон за амнестија, отворено селективен и тенденциозен. Други не потсетуваат за жртвите од терористичкиот напад во Диво насеље!

Продолжуваат и други провокации и уцени во овој домен покрај освојувањето на македонски територии. И во Гази Баба настојуваат да се обезбедат услови за отворање две албански паралелки. Упорно се бара бришење на 20-те проценти албанско малцинство во Уставот. Кој владее тука реално владее и кој ја разнебитува земјата? Кој брише своеволно варварски сè што е македонско?