Велевски: „Македонците не се диво племе од Амазон, на кое Бугарите треба да му го отвораат патот кон иднината!“

„И би Разград. Не ги разградивме Бугарите, одигравме само 1:1 и пропуштивме шанса да стартуваме како што посакувавме. Но и овој резултат е прекрасен. Останува горчина по средбата, како своевидно трето полувреме, поради потценувачкиот однос на дел од бугарската јавност, особено што тоа се совпадна со напнатата атмосфера предизвикана од блокадата на Софија за почетокот на нашите преговори со ЕУ.“ – вели новинарот Марјан Велевски во својот коментар со наслов „Трето полувреме“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Велевски пишува: „Венцислав Стефанов,претседателот на фудбалскиот клуб Славија од Софија, ја потцени Македонија, провокаторски и малициозно, но, јавноста му одговори, особено на општствените мрежи. Но дрската изјава вреди да се види уште еднаш, особено бидејќи, не случајно беше дадена на Бугарската национална телевизија. ‘Ние сме 100 отсто фаворити за првото место во групата во Лигата на нациите. Која е, бре, таа с.Македонија!? Вчера стана држава… Од кого стравуваме? Ако стравуваме од репрезентации како с.Македонија, Грузија и Гибралтар воопшто и да не играме фудбал. Да си играме некои детски игри…“, дрско изјавил Стефанов за БНТ.

„Мене сега ме загрижува да не им текне сега на софиското Министерство за надворешни работи, додека го подготвуваат писмото, што ќе му го врачат на Макрон, да внесат уште еден услов: да побараат од Макрон да наложи Бугарија да мора да биде прва во групата во Лигата на нациите, а Македонија никако да не смее да биде победник.. И онака се изнаслушавме нелогични и нереални барања, условувања и уценувања, што ги поставуваат за нас. Макрон има добри релации со фудбалските моќници. Франција е фудбалска велесила, тие се и геополитичка сила, па кој ќе смее да им се спротивстави.“

„Е токму затоа, Бугарите може да се досетат и да најдат начин да ‘пркнат’ фудбалски. Доста им беа утешителни, четврти и петти места на табелата. Сакаат и тие малку да бидат први.“

„Дури и да го напишат предлогот, нејасно е како ќе мине тоа кај Макрон.Најверојатно во Париз ќе отпатува само премиерот Петков, кој само ќе го остави писмото со нивните ‘услови’ (читај уцени) во однос на Македонија, што некогаш се нарекувал „катиљ-ферман“, а сега веројатно има некое модерно име, допрва ќе видиме како тоа вредните евроинтегративци ќе го крстат, со надеж дека ќе нѐ одоброволат и ние да го прифатиме.“

„Наспроти него, претседателот Радев цврсто остана на одлуката да не оди кај својот француски колега. Наместо тоа, Радев од мрачната претседателска лабораторија во Софија и натаму ќе прави алхемија во историјата, во правото, безбедноста и сѐ што тој замислил дека треба во однос на Македонија, при што ние сме небаре некое диво племе во Амазон, кое допрва се соочува со цивилизацијата и сега Бугарите ќе ни го отворат патот кон посветла иднина. Благодариме, не треба. Вие фантазирајте си самите за себе, уживајте во вашата самобендисаност.“ – заклучува Велевски во својот коментар.

Интернет-врска до целиот коментар:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/treto-poluvreme/